«

»

Sep 28 2013

Патната мрежа помеѓу средновековните македонски градови

Познатиот средновековен географ Мухамед ал-Идризи (1099 – 1165), кој поголемиот дел од својот живот го поминал на дворот на сицилијанскиот крал Рожер II, во своето најпознато и најзначајно дело “Географија” опишал и дел од патната мрежа помеѓу поголемите македонски градови од тој период, па така, во продолжение Ви пренесувам дел од тој опис.

Патот од Дурас (Драч) до Ахрисубули (Орфан)

Излегуваш од Дурас (Драч), којшто е расположен на Венецијанското Море (Јадранско Море) и по сувоземниот пат во превец на Константинопол (Цариград) поминуваш низ Батарла (Петрела). Меѓу нив има два дена пат. Градот Батарла е населба расположена на една височина.

Меѓу неа (Батарла) и Ахрида (Охрид) има четири дена пат. Ахрида е велелепен град, со многубројни згради и опширна трговија. Тој е расположен на една убава височина. Близу до него се наоѓа големо езеро, во кое риба се лови со лотки. Тоа езеро се наоѓа од јужната страна на градот. Да се обиколи езерото потребни се три дена. Покрај езерото се наоѓаат некои населби.

Меѓу споменатиот Ахрида и градот Булугу (средновековниот град Полог) има два дена пат. Градот Булугу е убав и се наоѓа на една голема планина.

Меѓу него и Ускуфија (Скопје) на североисток има еден ден пат. Ускуфија е голем град, со непрекидни обработени полиња, со изобилство лозја и зрнести култури.

Од него до градот Куритус (Кратово?) на североисток има еден ден пат. Меѓу нив (Ускуфија и Куритус) тече реката Фардари (Вардар). Таа е голема река. Куритус е град со добро населени реони, со многубројни згради, со непрекидни лозја и насади.

Од него до градот Уструниса (Струмица) на исток има еден ден пат. Уструниса е расположена на една височина. Таа е богата со обработени полиња и има многу лозја и градини.

Од Уструниса до градот Загурија (Мелник) на североисток има еден ден пат. Загурија е голем и познат град, еден од централните градови на Римското Царство (Византија) и по своето основање еден од најстарите. Тој има обработливи полиња, села и ниви, кои се простираат непрекидно. Од неговата северна страна се наоѓаат четири реки, кои истекуваат на север, додека да се влеат во реката Фардари.

Од градот Загурија до градот Сарас (Серес) има еден ден пат. Сарас е убав град расположен на еден мал рид. Тој има прекрасна околина, многу обработливи полиња и изобилува со природни богатства.

Од него до градот Зихна (се наоѓал во близина на селото Зелјахово) на исток има еден ден пат. Последниот е убав град со опширен реон и многубројни згради. Тој има лозја, овошни дрвја, обработливи полиња и земјоделски култури.

Од Зихна до градот Ахрисубули (Орфан) има еден ден пат. Ахрисубули е голем град расположен на морското грло, во почетокот на Константинополскиот канал (Дарданелите).

Мухамед ал-Идризи

Патот од Дурас до Салуник (Солун) на брегот на морето

Од град Дурас до Батарла има два дена пат. Од Батарла до град Ахрида има четири дена пат.

Од Ахрида до Бутили (Битола) на исток има два дена пат. Бутили е убав, величествен и пријатен град.

Од Бутили до Ахерлин (Лерин) има половина ден пат. Последниот е расположен врз еден убав рид. Квартовите му се густо населени и бројни. Земјата околу него е исполнета со непрекидни земјоделски култури и лозја.

Меѓу Ахерлин и Уструбу (Острово) има ден и половина пат. Тоа е населба, опкружена од големо езеро, чија обиколка е еднаква на ден и половина пат. Во него се лови многу риба.

Меѓу споменатото Уструбу и Будијана (Воден) на прочуениот пат (се однесува на Виа Егнација) има еден ден. Будијана е град кој се наоѓа на една планина. Меѓу него и Салуник, близу до Константинополскиот канал, има два дена пат.

Патот од Аблуна (Валона) до Армирун (Алмирос во Тесалија) на брегот на Константинополското Море (Егејско Море)

И така, тргнуваш од град Аблуна и преку градот Адринубули (средновековниот град  Дринопол) доаѓаш до Јанија (Јанина)…

Од него до Кастурија (Костур) има два дена пат, додека од Адринубули до Кастурија има ден и половина прав пат. Последниот е убав и густо населен град. Тој има многу богатства, многу села и обработени полиња. Расположен е на една височина, заобиколена од големо езеро, во кое риба се лови со лотки.

Од него до Таруфиника (Трикала) има три дена пат…

Патот од Дурас до Константинопол по брегот на морето

Од градот Дурас до градот Аблуна… […….] …оди до град Салуник… Тука морето образува мал залив, на чија една страна е расположен градот Салуник. Тој е убав, велелепен град со многубројни згради на суво и крај морето.

Од него до град Ахрисубули на морето има 25 милји… Од Ахрисубули до Ахристубулис (Кавала) има 25 милји.

Спротивно од Ахристубулис се наоѓа една планина (станува збор за планината Пангај), а на нејзините падини град кој се вика Филибус (Филипи). Тој е расположен близу до Ахристубулис. Тоа е расцутен град, во кој има многу занаети и трговија, добар увоз и извоз. Тој поседува многу лозја и насади. Расположен е на падините на една планина, од која има 8 милји до морето. Близу до неа се наоѓа мала река, која тече меѓу Филибус и Ахристубулис. Во градот Филибус е роден Искендер (се однесува на Александар Македонски, но според познатите историски податоци Александар е роден во Пела а не во Филипи). Реката се вика Мефрубутами (Места). Меѓу неа и Ахристубулис има 12 милји….


Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>