«

»

Sep 04 2014

Повеќе потонати бродови пронајдени кај струшки подводен археолошки локалитет

Брод влекач и шест-седум бродчиња се пронајдени кај подводниот археолошки локалитет во централното струшко крајбрежје.

brodcinja1

На околу 400 метри од брегот на Охридското Езеро во Струга кај подводниот археолошки локалитет во централното струшко крајбрежје, подводните археолози од Природно научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ пронајдоа брод влечач и шест-седум бродчиња поврзани како вагони.

Од струшкиот музеј информираат дека станува збор за бродчиња од Првата светска војна, кои, веројатно биле товар на некоја композиција, која пренесувала роба и во одреден момент била потопена тука.

Овој подводен архолошки локалитет, кој подетално ќе се истражува идната година бил малку познат кај стручната и културната јавност, но и кај стружани.

brodcinja2

– Мислам дека тоа со години може да прерасне во една атракција, а предметите откриени внатре може да се конзервираат и да се презентираат. Ги утврдивме позицијата и количината на потонатите бродови, како и содржината што ја имале. Дури од оние остатоци материјални што се долу, го утврдивме и типот на бродот, компанијата која го правела и неговата намена. Се надевам дека следните години ќе го афирмираме како еден многу интересен локалитет за сите оние кои се бават или кои се нуркачи професионалци, но и аматери – рече Сашо Цветкоски, директор на Музејот.

Подводниот археолог Никола Паскали, кој учествувал во истражувачката експедиција смета дека потонатите бродови треба археолошки да се истражат, документираат и позиционираат, да се направат цртежи и да се презентираат  пред јавноста за да станат туристичка атракција.

brodcinja3

– Во сите светски нуркачки центри тие дестинации ги привлекуваат туристите, како што се потонати бродови, населби, траги од некаков живот на луѓе порано. На пример во Бугарија има случај на намерно потонување на брод за правење туристичка атракција бидејќи во тој регион немало што да се понуди – истакна Паскали.

Бродчињата се на длабочина од околу 6-7 метри, а последната откриена композиција е на осум метри.

Текстот е превземен од OhridPress.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>