«

»

Aug 01 2013

Поврзаноста на Св. Илија со Богот на Сонцето

Како што христијанството почнало да се шири во доминантно политеистички земји, дел од паганските обичаи и верувања на домородното население почнале да се инкорпорираат во самата христијанска религија, па поради тоа добар дел од христијанските светци добиле особини на некои од паганските богови. Дел од овие симбиози настанувале спонтано, но дел биле подржувани од самата христијанската црква за полесно ширење на христијанството меѓу многубожното население.

Еден светец чиј прикази и верувања поврзани со него подлежеле на доста пагански елементи е еврејскиот пророк од Стариот Завет – Св. Илија. Едни од главните особини кои ги има Св. Илија се поврзуваат со Богот Громовник, особини кои најверојатно ги наследил од паганскиот Перун.Па така, според верувањата, Св. Илија е оној кој бил клучарот на небото, и тој раководел со дождот и невремињата. Неговата поврзаност со Богот Громовник оди до таму што Св. Илија е познат и под името Св. Илија Громовник.

Но покрај поврзаноста со овој пагански Бог, од приказите на Св. Илија во христијанските храмови може да се заклучи дека тој наследил и одредени елементи од Богот на Сонцето.

Св. Илија

Имено, неговиот приказ во огнена кочија, кој рефелктира настан од неговото житие (според неговото житие, Св. Илија се издигнал во рајот со помош на огнена кочија), доста потсеќа на приказот на Богот на Сонцето кај Индо-Европските народи – истотака во огнена кочија со која патувал по небото, исто како што правел и Св. Илија со својата кочија.

Богот на Сонцето бил претставуван со кочија кај поголемиот дел од Индо-Европските народи, почнувајќи од Индија па се до Северна Европа. (Тронделхајмската кочија - пронајдена во Данска (лево) и приказ на хиндуистичкиот Бог на сонцето Сурја (десно))

Но, најголема сличност приказите на Св. Илија имаат со приказите на древно-медитеранскиот Бог на сонцето – Хелиос (Сол), што е и најлогично.

Прикази на Богот на Сонцето - Хелиос (Сол)

Св. Илија

Доста впечатлива е и варијантата на приказот на Св. Илија во кој коњите кои ја движат кочијата се поделени на два пара, по еден пар лево и десно од него. Со ист приказ е претставен и Богот на Сонцето (Сол) на некои римски монети од времето на царот Константин I, првиот христијански император на Римската Империја и човекот кој го прогласи христијанството за рамноправна религија во Империјата.

Св. Илија

Монета на императорот Константин I на која се наоѓа приказ на Богот на Сонцето

Интересен е и текстот на Св. Климентовата “Похвала на чудесното житие на пророкот Илија” која претставува дел од неговите “Похвални слова на христијанските светители”:

Тој ги закрилуваше луѓето
пред божјиот грев со чистата
молитва.
Илија е огненосец и втор
предвестител на Христовото
доаѓање.
Илија е светлозрачна ѕвезда
Деница.
Илија е пречист сад на божјо
сврталиште.
Илија е од Бога насадена
лоза што го напојува сиот свет
со чудесна миризба.
Илија е светлозрачно сонце.
Илија е градоносен облак.
Илија е орел што го пара
небото.
Илија е златосјаен зрак.
Илија е висински
проповедник на Христовото
идење.
Илија беше голем разрушител
на ѓаволското лукавство.
Илија е топол застапник на
загрижените.
Илија е цврст камен на
верата.
Илија е добар воведувач на
сите во вечен живот…

Дали постои врска помеѓу Св. Илија и Богот на Сонцето заклучете сами.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>