«

»

Apr 28 2015

Престижниот Оксфорд станува достапен за македонските археолози

Македонски млади археолози ќе имаат шанса по еден месец да престојуваат на престижниот Универзитет во Оксфорд, да ги користат богатите библиотеки, да слушаат предавања, да се поврзат со светски институции и имиња од археологијата. Ќе добијат шанса да учат од најдобрите. Ова е само една од иницијативите на Фондацијата „Kирил Трајковски“ со седиште во Лондон, која има единствена цел – да го подигне нивото на познавањето на археолошкото и културното наследство на Македонија во светот. Иако е формирана пред само три години, веќе се гледаат резултатите од работата. Пред десетина дена д-р Ендрју Вилсон, еден од најреномираните активни археолози во светот, раководител на катедрата за римски период на Универзитетот „Оксфорд“, одржа три предавања во Скопје. По препорака на Вилсон, неговите поранешни студенти, денес професори на универзитетите во Единбург и во Саутемптон, ќе работат на археолошкиот локалитет Kостоперска Kарпа, Kумановско.

Славица Трајковска-Вејт е една од основачите на фондацијата, именувана по нејзиниот брат, Kирил Трајковски, кој беше меѓу најпочитуваните археолози во земјава. Таа деновиве престојуваше во земјава со професорите од Англија. Трајковска-Вејт накусо претстави дел од нивните планови, кои ќе бидат добредојдени за многу млади археолози.

slavica trajkovska vejt

Славица Трајковска-Вејт

Стипендии за едномесечен престој

– Со професор Вилсон разговаравме нашата фондација на неколкумина млади археолози да им финансира едномесечен престој на Универзитетот во Оксфорд. Тоа значи дека ќе имаат пристап во секоја област на универзитетот – библиотеки, предавања, институции, контакти. Така ќе можат да се поврзат со други археолози од светот и понатаму да го продолжат професионалната соработка и комуникација. Планираме секоја секоја година на Оксфорд да има по еден докторанд и по два-тројца археолози на едномесечен престој – вели Трајковска-Вејт.

Првите што ќе заминат на едномесечен престој во Оксфорд се веќе „пикирани“. Фондацијата сега разработува систем како да ги избираат студентите.

– Ние сме релативно млада фондација, а за кратко време имавме многу големи активности. Планираме да направиме постојана шема, да го утврдиме моделот на пријавување, кој ќе биде ставен на нашата интернет-страница. Ова ќе биде меѓународен конкурс. Почнавме со Македонија. бидејќи сакавме да искористиме што повеќе македонски археолози да престојуваат во Оксфорд – објаснува Трајковска-Вејт.

Според неа, фондацијата има неколку струи на соработка со истражувачите од Англија – да обезбедат стипендии или да им помогнат на стипендисти да го продолжат своето образование на Оксфорд, познати професори да предаваат на теми од областа на археологијата што не се покриени во Македонија, директни истражувања на терен, кои би биле публикувани во реномирани списанија и друго.

За Kостоперска Kарпа 250.000 евра

Тројца млади професори, поранешни студенти на Вилсон, веќе подготвуваат проект да истражуваат во нашата земја. Во изминатите две години тие трипати ја посетија Македонија. Фондацијата исконтактирала со нашето Министерство за култура и со Управата за заштита на културното наследство.

– Kостоперска Kарпа беше една од многуте локации на кои работеше мојот брат. Ова е некој вид продолжение. Ми беше задоволство што професорите од Англија ја избраа токму оваа од неколку предложени локации. Сега работат физибилити-студија за проектот, кој треба да трае пет години. Врз основа на студијата финансиите треба да дојдат од Европската Унија, околу 250.000 евра за пет години. Се` уште работиме на тоа. Освен професорите што ќе го водат проектот, ќе има и десетина докторанди од Англија и уште толку студенти и постдипломци од Македонија. Нивните докторски десертации што ќе произлезат од истражувањата ќе се публикуваат и ќе стигнат во меѓународните археолошки весници. Тоа за мене е важно, како и за сите други, бидејќи тоа е начинот на кој ние ја промовираме македонската археологија – вели Трајковска-Вејт.

Во меѓувреме, богатата лична библиотека на Kирил Трајковски, која по неговата смрт прејде во сопственост на фондацијата, му е предадена на Археолошкиот музеј на Македонија, каде што е отворена посебна просторија, која ќе биде библиотека на фондацијата.

– Бидејќи книгите се вредни, значајни, може да се користат постојано, но тоа не е доволно. Треба да се следат и сите нови изданија. Со помош на универзитетите од Оксфорд и од Единбург ќе ги следиме новите изданија, ќе ги купуваме и така ќе ја надградуваме библиотеката. Планираме да има и посебен компјутер и линк со сите реномирани универзитети преку кои македонските археолози ќе добиваат информации – објаснува Трајковска-Вејт.

Списанието „Патримониум“ ќе добие превод на англиски

Во Археолошкиот музеј на Македонија деновиве беше промовиран новиот број на списанието „Патримониум“, посветен на Kирил Трајковски, на неговата работа и во сеќавање на него како личност и археолог.

– Станува збор за периодично списание, во кое повеќе археолози ги публикуваат своите трудови, секој на свој јазик. Веќе разговарав со уредникот на списанието целото да го преведеме на англиски јазик и електронски да биде достапно до сите светски универзитети, каде што ќе можат да ги следат актуелните случувања во македонската археологија – вели Славица Трајковска-Вејт.

Автор: Весна И. Илиевска

Текстот е превземен од Дневник.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>