«

»

Dec 19 2014

Презентиран „Патот на Александар Македонски низ Република Македонија“

Рутата по која македонскиот крал Александар Трети Македонски поминал со својата војска во 335 г. п.н.е. на враќање од Дунавската кампања, минувала низ 18 денешни општини во Република Македонија. Реконструкцијата ја направи проф. д-р Виктор Лилчиќ, актуелен директор на Управата за заштита на културното наследство, и таа е резултат на неговите теренски и кабинетски археолошки истражувања во изминатите 40 години.

Viktor Lilcik patot na Aleksandar niz RM

Трасата која ја минувал Александар  на територијата на денешна РМ, од север кон југ, Лилчиќ денеска стручно ја презентираше на предавање поткрепено со визуелна презентација на локациите на некогашни антички градови и кралства (кралство на Агријаните, Пајонија, Пелагонија…,) и археолошки локалитети во кои се најдени пари на македонското кралство.

За одредување на трасата Лилчиќ се водел од скромните податоци кои хроничарот Аријан ги напишал во делото „Анабаза“, што потоа ги потвдил со своите истражувања.

– Моите истражувања во многу мал дел ги потпирам врз изворите, а во поголем дел врз археологијата, релјефот и нумизматиката. Има и други наводи, но во науката најмериторни се монетите на макеодонските кралеви, особено монетите на самиот крал Александар кои ги наоѓаме на трасата, изјави Лилчиќ за медиумите.

Младиот крал Александар кој тукушто застанал на тронот на Македонија, во 335 г. п.н.е. сакал да тргне на пат кон Исток за да ја открие  точката на изгрејсонцето. Бидејќи бил силен стратег, претходно морал да ги среди приликите во кралството Македонија која била напаѓана од север (од Трибали, Илири…). Тоа било причина за неговата Дунавска кампања.

Според реконструкцијата, Александар влегол на територијата на РМ кај Деве Баир, се движел по долините на Крива Река, покрај Вардар (Аксиј) и долината на Црна (Еригон)…, покрај 30-ина стари градови и исто толку твдрини што гравитирале кон рутата.

– Се работи за 18 денешни општини низ кои поминувал овој пат, почнувајќи од Крива Паланка, преку Кратово, Младо Нагоричани, Свети Николе итн.  Првиот поголем град на таа траса што мислам дека го посетил е градот на Градиште, Младо Нагоричани, потоа е Билазора. Во Астибо не отишол, сметам дека му било отпат, потоа продолжил кон Стоби, потоа по реката Еригон, низ Мариово, излегол во битолскиот крај. Тука има позначаен град – Манастир за кој мислам дека е градот Антанија – центар на племето Антани. Потоа е проблем  во битолскиот крај – дали тој поминал преку Градиште, Црнобуки, античкиот град Линк, кој бил центар на кралството на Линкестите, или отишол долу во Костурско. Јас сметам дека отишол кон Охрид. Лихнид би бил последен поголем раноантички град, цивилизациски центар во наша Република Македонија, Потоа оди кон градот Пелион за кој мислам дека е локалитетот Градиште Селце на горниот тек на реката Шкумбина, југозападно од Охридско Езеро, рече Лилчиќ.

Тој е фасциниран од тоа што кралот на античка Македонија на тој пат од вкупно 1700 км, околу 300 км ги поминал во денешна Република Македонија, и смета дека тоа треба да се популаризира.

– Ние имаме многу теми кои доаѓаат од длабочините на нашето историско и културно минато и предисторија. Нас, како Македонци и земја која е единствена што се нарекува Република Македонија, не врзува името со античкото кралство Македонија. Тоа кралство било жив организам – пулсирало, доживеало силна експанзија низ вековите и се проширило на сите страни. Нас не интересира колку сме ние поврзани со најголемиот водач на античкото кралство, најпознатиот, човекот за кого учи целиот свет.  Неговото срце чукало низ земјата што денес се вика Република Македонија. Поминал со војската во 335 г. п.н.е. и ги гледал нашите краишта и реки, ги гледал градовите, контактирал со луѓето кои пријателски го примиле и нас тоа не плени и ни треба. Овој пат ние можеме да го претвориме во извонредна културно-туристичка магистрала, рече Лилчиќ.

Извор: МИА.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>