«

»

Aug 07 2014

Проекти на НУ Стоби во 2014 година (Фото)

За 2014 година НУ Стоби има предвидено вкупно десет проекти од кои пет се веќе реализирани. Во текот на јуни, паралелно се одвиваа две интернационални работилници за конзервација на керамика и конзервација на мозаик. Проектите беа реализирани во соработка со фондацијата Балканско наследство. Во рамките на работилницата за конзервација на керамика се работеше на копии и автентични римски садови. Работилницата за конзервација на мозаици беше реализирана заедно со втората фаза на проектот за конзервација на мозаикот од нартексот на Епископската базилика. Проектот опфаќаше лиење и поставување на алуминиумско саќе на мозаикот од нартексот кој беше изваден во 2012 година. Како дел од овие два проекта, беа одржани и уште две помали работилници за конзервација на стаклени садови и фрески.

Работилница за конзервација на фрески

Работилница за конзервација на фрески

Во текот на јуни и јули беа изведени ископувања на Западната некропола и Театарот како дел од капиталните проекти за археолошки истражувања, финансирани од Владата на Република Македонија. Со ископувањaта на некрополата беа откриени вкупно 51 гроб кои датираат од 1-3 век н.е. Поголемиот дел од покојниците беа кремирани и имаа гробни прилози како што се керaмички садови, светилки, стаклени садови и бронзени монети. Посебно интересен е гробот во кој кремираните остатоци биле поставени во оловна урна. Ископувањата во Театарот се одвиваа во мал дел на централниот циркуларен коридор при што беа истражувани подни нивоа од доцната антика (5-6 век) кога објектот не бил во функција, а неговите ѕидови и коридори биле искористени во рамките на куќите подигнати на овој простор.

Западна некропола

Западна некропола

Во периодот помеѓу 29 јуни и 28 јули беше реализирана интернационална археолошка школа како трет проект од соработката помеѓу НУ Стоби и Балканско наследство. Во проектот партиципираа 16 учесници од повеќе земји, главно од САД и Канада. Ископувањата се одвиваа на просторот помеѓу Тедосијанската палата и т.н. „Затвор“. Беше истражена една од подоцнежните соби на палатата која во текот на 6 век била поделена на два дела. При ископувањата беа откриени фрагменти керамика, животински коски, фрагменти од стакло, бронзени монети, мала мермерна скулптура со претстава на голо машко божество и една железна стрела.

Летна школа 2014 1

Летна археолошка школа

Останатите пет проекти, финансирани од годишната програма на Министерството за култура ќе бидат реализирани во следните месеци. Двата проекти за конзервација на метални предмети и стаклени садови ќе отпочнат во текот на август, додека ископувањата во делот на Храмот на Изида ќе се одвиваат во текот на септември. Проектот за конзервација и реставрација на Театарот ќе продолжи на почетокот од септември и ќе трае се до крајот на ноември. За оваа година е предвидено да бидат конзервирани и реконструирани сводовите од тули на централниот радијален коридор и страничните простории, по што ќе следи конзервацијата и реконструкцијата на лежиштата за седишта. Се очекува дека до 2015 година, Театарот да биде подготвен за реконструкција на мермерните седишта во источната половина. Последниот проект за 2014 година предвидува враќање на мозаикот од централниот брод на Старата епископска базилика. Подготовките за реализација на проектот ќе отпочнат на 15 август.

Во продолжение неколку фотографии од овогодинешните проекти на НУ Стоби:

Работилница за конзервација на мозаици - Фотографирано на 12.6.2014

Работилница за конзервација на мозаици

Работилница за конзервација на керамика - Фотографирано на 20.6.2014

Работилница за конзервација на керамика

Работилница за конзервација на стакло - Фотографирано на 25.6.2014

Работилница за конзервација на стакло

Театар -Фотографирано на 16.6.2014

Истражување на Театарот

Театар - Фотографирано на 19.6.2014

Истражување на Театарот

Западна некропола - Фотографирано на 27.6.2014 2

Истражување на Западната некропола

Западна некропола - фотографирано на 4.7.2014

Истражување на Западната некропола

Западна некропола - Фотографирано на 27.6.2014

Истражување на Западната некропола

Летна школа 2014 2

Летна археолошка школа

Летна школа 2014 3

Летна археолошка школа

Извор: Национална установа Стоби

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>