«

»

Nov 16 2015

Промоција на книгата „Неолитски фигурини во Македонија“ од Д-р Гоце Наумов

Петок, 20 ноември, со почеток во 20 часот, во Археолошкиот Музеј на Македнија ќе биде промовирана книгата “Неолитски фигурини во Македонија” од Д-р Гоце Наумов. Во монографијата “Неолитски фигурини во Македонија” се презентирани сите досега познати неолитски претстави на човечкото тело пронајдени на повеќе локалитети датирани околу шестиот милениум п.н.е. Во неа се обработени клучните аспекти на неолитските антропоморфни фигурини, вклучувајќи ги нивната географска распространетост, типологијата, временската припадност, техниките на изработување, иконографските обележја, како и симболичките значења што овие предмети ги содржат. Направен е широк мултидисциплинарен преглед што овозможува целосен увид во скоро сите аспекти на овие артефакти.

neolitski figurini vo makedonija goce naumov

Една од целите на трудот е да покаже дека неолитските антропоморфни фигурини и воопшто материјалната култура не можат да се истражуваат и толкуваат еднонасочно. Тие не се во толкава мера уедначени ниту стандардизирани за да се употреби општа дефиниција на нивното значење и за нивната намена. Мноштвото вакви артефакти варираат според својот изглед, димензиите, контекстот и технолошката изработка, поради што во оваа пригода им се пристапи од повеќе перспективи. Од тие причини, во монографијата се приложени различни анализи и согледувања за улогата на неолитските фигурини во првите земјоделски општества во Македонија, со што воедно се истакна нивното исклучително значење во социјалните и симболичките процеси карактеристични за заедниците кои го населувале овој простор пред околу осум илјади години.

Авторот Д-р Гоце Наумов е вработен во Музејот на Македонија, а во центарот на неговиот научен интерес е предисториската археологија и особено неолитските општества во југоисточна Европа и Блискиот Исток. Учествувал на бројни археолошки ископувања на локалитети на Балканот, Мала Азија и Северна Америка, а раководел неколку проекти концентрирани на населбите и материјалната култура во Пелагонија. Во текот на своите истражувања соработувал со повеќе научни институции од САД, Италија, Швајцарија, Русија, Чешка, Полска, Словенија и Македонија, а има одржано предавања и излагања во Њујорк, Париз, Кембриџ, Даблин, Осло, Хелсинки, Берн, Падова, Валета, Прага, Будимпешта, Истанбул, Љубљана, Белград, Софија, Солун и други. Автор е на повеќе од четириесетина научни труда и три монографии публикувани во Европа, Австралија и Америка. За своите научни трудови добитник е на награди од Светскиот археолошки конгрес и Европската асоцијација на археолозите.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>