«

»

Feb 18 2014

Реконструиран е ликот на царот Самуил

Текстот е објавен во дневниот весник Нова Македонија на ден 18.02.2014.

Автор: Блаже Миневски.

Сега и точно се знае како изгледале царот Самуил, неговиот син Гаврило Радомир, ќерките Мирослава и Косара, сопругата Агата, но и неговиот внук од брат Јован Владислав и неговата сопруга Марија.

Ликовите на членовите на семејството на царот Самуил се идентификувани во минијатурите од т.н. Мадридски ракопис од крајот на 11 и почетокот на 12 век, значи непосредно по неговата смрт, додека уште биле живи директните потомци на македонскиот цар.

Според идентификацијата што ја изврши Милан Бошкоски од Институтот за национална историја, неговиот лик на минијатурата и на уште два цртежа се единствените автентични претстави на македонскиот цар. Оттука, вели тој, сѐ што е досега објавено како негов портрет е само слободна уметничка визија за тоа како би можел да изгледа царот Самуил.

Според професорот Бошкоски, од цртежите и од минијатурата од т.н. Мадридски ракопис може да се забележи дека Самуил бил натпросечно висок човек, имал руса коса, бело лице и средена брада, носел и црвена капа, што значи дека бил висок благородник.

Минијатурата со венчавката на Мирослава

– Истражувајќи го времето на царот Самуил имав многу податоци за разни настани што се случувале во негово време, но особено интересни беа записите на Јован Скилица во Мадридскиот ракопис, каде што тој опишува повеќе конкретни историски сцени. На една Гаврило Радомир го спасува во последен миг својот татко по битката на Беласица, носејќи го во Прилеп. Токму една таква сцена е насликана во една од минијатурите во Мадридскиот ракопис, а јас успеав првпат да ги идентификувам личностите – вели Бошковски.

Царот Самуил во левата рака држи штит, а во десната копје. Според изворот, стои дека од сигурна смрт го спасил синот, па лесно може да се идентификува дека личноста до него е Гаврило Радомир, кој носи панцир, а третиот човек е најверојатно Јован Владислав, внук на Самуил, син на неговиот брат Арон. Гонителите ги предводи византискиот цар Василиј Втори.

За таа минијатура во литературата се знаеше само дека е мотив од битката на Беласица, додава Бошковски.

Сепак, според професорот, најзначајна е минијатурата на која е прикажана венчавката на Мирослава, најстарата ќерка на Самуил.

– Минијатурата прикажува церемонија на венчавка во катедрална црква, на која се присутни најблиските роднини на невестата. Може да се види дека присуствуваат свештеник, три жени и тројца мажи. Над младенците стои зборот „брак“, што значи дека станува збор за венчавка во црква. Над мажот во средината стои натпис дека е Самуил и тоа е непобитен писмен доказ. Тоа се минијатури насликани во почетокот на 12 век во ракописи на Јован Скилица од 11 век. Значи, историјата што ја напишал Скилица подоцна била илустрирана со повеќе минијатури од анонимен автор – вели Бошковски.

Минијатурата од венчавката е многу битна за да се утврди точно ликот на царот Самуил, затоа што само на неа точно пишува кој е Самуил. Притоа се гледа свештеникот што врши венчална служба, а до него е и архиепископот, кој е претставен со архијерејска облека со крстови. Токму архиепископот ја става венчалната круна, а младенците стојат пред него со наведнати глави. Невестата е Мирослава, ќерка на Самуил, а младоженецот е Ашот, византиски благородник од Солун. До младенците стојат три жени во свечена, виолетова облека, каква што се носела на дворот само во свечени моменти.

– Историски е потврдено дека настанот се случил во 997 година, кога Самуил имал околу 50 години и сѐ уште не бил прогласен за цар, а меѓу жените може да се идентификуваат неговата сопруга Агата, облечена во свечена облека, со златен накит и околувратник за свечени пригоди, а под свечената наметка носи црвен фустан – знак дека таа е највозрасна жена во групата. До неа е Косара, втората ќерка, а третата жена е Марија, сопругата на Јован Владислав, внукот на Самуил. До Самуил на минијатурата е Гаврило Радомир, брат на Мирослава, кој има бела капа. Ако внимателно се анализираат неговите црти на лицето, може да се види дека личи на својата мајка Агата – смета Бошкоски.

samoil-kerka-miroslava-vencavka

Самуил на венчавката на својата ќерка Мирослава со Ашот, 997 година. Оддесно налево: ѓакон, архиепископот Филип ги венчава младенците. Зад младенците се Агата, сопругата на Самуил, заедно со Косара и Марија, сопруга на Јован Владислав. Веднаш зад нив се царот Самуил, Гаврил Радомир и Јован Владислав

vojska-na-samul

Војската на Самуил во битка при опсадата на Солун, кога е убиен Григориј Таронит: две групи Самуилови војници го убиваат владетелот на Солун. Од левата страна е Самуил на бел коњ, до него се син му Гаврило Радомир и Јован Владислав

Според професорот, постои уште една минијатура на која може да се идентификува царот Самуил, на која е илустриран настан од 1003 година, кога тој бил поразен кај Скопје од византиската војска. На таа минијатура може да се препознае и скопската тврдина, Калето.

Крунисувањето на Самуил

Според Бошковски, кој последниве години интензивно ги проучувал сите достапни документи од тоа време, со сигурност може да се потврди дека свеченото крунисување на Самуил за цар, во присуство на папски легати, преспанско-охридскиот патријарх Филип, високото свештенство, царското семејство, македонски благородници, меѓународни претставници од унгарскиот кралски двор и зетскиот кнежевски двор, се извршило во Охрид, во новата соборна црква „Света Софија“, пандан на истоимената црква во Константинопол.

Свечениот чин е извршен на Велигден 1001 година. Поради фактот дека церемонијата бара крунисувањето да го изврши патријарх, можно е пред свеченото крунисување на Самуил, охридскиот архиепископ Филип, во присуство на папските легати, претходно да бил хиротонисан во патријарх, па потоа тој да го извршил свеченото крунисување на Самуил.

– Со признавањето на царската титула на Самуил од папата Силвестер Втори, во 1001 година, практично се формирале три империи: Византиската Империја, Светото Римско Царство и Македонското Царство на Самуил. Веднаш потоа почнуваат жестоките напади на Византија за уништување на Самуиловото Царство. Смртта на Самуил по битката на Беласица е претставена во минијатура на словенскиот превод на илустрираната хроника на Константин Манасиј, попознат како Манасиев летопис од 14 век.
Сигнатурата на минијатурата упатува дека Самуил, откако ги видел ослепените војници, веднаш умрел од мака. На преден план е претставена кула на тврдина, а пред неа висок дворјанин, кој ги прима и утешува ослепените војници. Војниците се во сина облека и црвени капи на главата. Од спротивната страна е претставена помала четириаголна кула со пирамида на врвот. Пред неа е претставен Василиј Втори како седи на трон и издава наредба војниците да се ослепат и да се испратат кај Самуил. Меѓу двете кули се гледаат планини, кои го симболизираат просторот од Беласица до Прилеп – објаснува професорот.
Според историските податоци, пак, Василиј веста за смртта на Самуил ја примил на 24 октомври 1014 година во Мосинипол, кога новиот македонски владетел, царот Гаврил Радомир, веќе го презел управувањето со царството.

Царот Самуил бил погребан во својата прва престолнина на островот Ахил – Преспа, крај езерото Мала Преспа, во соборната црква „Свети Ахил“. Археолошките истражувања под раководство на професорот на Солунскиот универзитет, Н. Мицопулос, кои почнаа во 1966 година крај јужниот ѕид на црквата „Свети Ахил“, открија саркофаг со двоглав орел.

– Во саркофагот е откриен скелет на маж на околу 70 години со скршеници на левата рака. Угледниот покојник бил погребан во свечена сребрена облека извезена со двоглав орел. Како што тврди Мицопулос, покојниот старец на градите носел градник-панцир плетен од бакарна жица прекриена со мали метални плочки. Гробот бил покриен со мермерна плоча со крстови и други владетелски симболи. Скелетот на левата рака над лакотот имал скршеница, која е деформирано зарасната. Погребните наоди укажуваат дека покојниот му припаѓал на висок општествен слој, а скршеницата на левата рака наводно е потврда за раната на Самуил добиена во битката на Сперхеј. Сепак, засега единствена потврда на претпоставката дека можеби навистина станува збор за посмртните останки на Самуил е тврдењето на историчарот Михаил Аталијат, кој тврди дека македонскиот цар умрел на островот Преспа – смета професорот од Институтот за национална историја.

Скелетот од саркофагот во црквата „Свети Ахил“ во Мала Преспа, за кој се верува дека е на царот Самуил

Скелетот од саркофагот во црквата „Свети Ахил“ во Мала Преспа, за кој се верува дека е на царот Самуил

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>