«

»

Dec 08 2014

Реконструиран патот по кој Александар Македонски марширал низ Македонија

Александар со македонската војска на територијата на Република Македонија, поминал низ подрачјата на 14 современи македонски општини, посочува проф.д-р Виктор Лилчиќ Адамс.

rekonstruiran-patot-na-aleksandar-niz-makedonija

Научната презентација “Обид за реконструкција на патот на Александар Македонски, во 335 година пред н.е. низ Република Македонија, за прв пат е претставена на 23. симпозиум на Македонското археолошко научно друштво што деновиве се одржа во Виница.

Презентацијата е направена од страна на проф.д-р Виктор Лилчиќ Адамс, директор на Управата за заштита на културно наследство на РМ, пред околу педесетина македонски археолози и археолошката делегација од Република Словенија, професорите д-р Митја Гуштин, д-р Борис Кавур и д-р Мартина Блечич од Универзитетот за Медитеранско културно наследство Копер.

Научната презентацијата содржи 121 колор табли со комбинирани слики, карти, археолошки материјал, монети на македонските кралеви…, а наскоро се очекува да бидат и јавно презентирани во главниот град на Република Македонија, Скопје.

Како за потсетување, според постоечките информации и сознанија, во јули месец, 335 година пред н.е., Александар Трети Македонски се враќал од Дунавската кампања за смирување на Трибалите и Гетите.

Имал 21 година, но бил извонреден воен стратег затоа што воените вештини ги вежбал од дете под будното око на татко му кралот Филип Македонски.

Според историчарот Лукиј Флавиј Аријан, тој поминал низ земјите на Агријаните, Пајонците, покрај реката Еригон и пристигнал кај градот Пелион, каде требале да се најдат Илирите под водство на Клит и Таулантите под водство на Глаукиј.

“Денес се обидуваме, и покрај овие скромни информации, да го реконструираме неговото движење низ територијата на денешна Република Македонија. Речиси единствени учени кои му посветиле поголемо внимание на анализата на насоката по која се движела македонската војска со Александар, биле историчарите Фанула Папазоглу и Николас Хамонд. Меѓутоа денес веќе голем број археолошки појави во Република Македонија овозможуваат поблиску да ја одредиме трасата по која се движел Александар”, посочува проф.д-р Лилчиќ Адамс.

Како што презентира професорот, тој влегол на просторот помеѓу Ќустендил и Крива Паланка. Се движел низ земјата на Агријаните, што значи земјите на денешните општини Крива Паланка и Старо Нагоричани. Патот го водел низ долината на Крива Река.

Во атарот на Младо Нагоричани, на левиот брег на реката Пчиња се наоѓал значаен градски центар на Агријаните. Можеби дури и престолнината на агријанскиот крал Лангар близок пријател на Александар.

Од долината на Крива Река, Александар преминал, влегол во земјата на Пајонците од големиот град на Градиште село Коњух, преку планинскиот превој помеѓу селата Пезово, Градиште и Кокошиње. Поминал покрај големиот пајонски град Билазора (Градиште, село Кнежје) и излегол на левиот брег на реката Аксиј (Вардар), преминувајќи го на потегот помеѓу остатоците на двата големи антички града на Градиште, село Кочилари и Градиште село Згрополци.

Патот го водел потаму долж десниот брег на Вардар до вливот на Еригон (Црна Река) во Аксиј кај Стоби.

Следел отежнат марш покрај самиот Еригон низ дел од Тиквешко (од Возарци до Галиште), потоа низ Мариово од Гуѓаково до Скочивир.

Излегувајќи од Скочивирската Клисура Александар, се упатил преку градот Линк (Градиште, с. Црнобуки) кон Лихнид (Охрид).

За да го заштит Лихнид, но и патниот коридор долж прастариот Кандависки / Македонски подоцна Егнатиски пат, кон Линкестида и потаму кон Пела, тој ја подигнал воено-стратегиска база на ридот Кулиште Свети Размо, околу 4 километри северозападно од Лихнид.

Оттука марширал јужно од езерата до градот Пелион каде со вешти воени маневри и напади успеал да ги порази Илирите и Таулантите и завладее Илирија.

Лоцирањето на Пелион е сеуште непознато. Од предложените три локалитети поатрактивен е градот кај селото Селце на реката Шкумбина.

Од Пелион за 14 дена Александар осамнува под ѕидините на Теба.

“Александар со македонската војска на територијата на Република Македонија, поминал низ подрачјата на 14 современи македонски општини”, истакнува проф.д-р Лилчиќ Адамс.

Текстот е превземен од Вечер.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>