«

»

Nov 24 2013

Ренесансните карактеристики на фреските во манастирот Св. Ѓорѓи во Курбиново

На благата стрмнина над селото Курбиново, во непосредна близина на Преспанското езеро, во подножјето на Баба Планина, се наоѓа мала скромна, еднокорабна црква посветена на Свети Ѓорѓи. Истата е долга 17, а широка 7 метри. Низ текот на вековите оваа црква изградена пред 822 години беше подложена на повеќе оштетувања, а поправките кои беа вршени на некој начин и го менуваа нејзиниот изглед. Во црквата се наоѓаат добро сочувани фрески кои може да се класифицираат во најубавите достигнувања на византиската уметност на XII век.

Во прво време историчарите на уметноста ги опишуваа како фрески од 17 век. Потоа, во 1940 година во списанието “Старинар”, српскиот историчар на уметноста Радивоје Љубинковиќ, со споредба по аналогија со други фрески од различни цркви, истакнал дека фреските потекнуваат од 12 век. Ова тврдење доби потврда во 1959 година, за време кога црквата се истражуваше и конзервираше. Имено, на десната страна од олтарот спроти владичкиот трон беше откриен натпис според кој црквата била изградена и фрескоживописана во 1191 година.

Во светлината на она што до сега се знае, фреските од Курбиново може да се класифицираат како дел на фрескосликарството што во византиските земји ја достигнало својата највисока и најсветла точка преку црквата Св.Пантелејмон во село Нерези, Скопско, чии фрески датираат од 1167 година. Кон овие цркви, чии фрески имаат раздвижен и нагласен цртеж што ја прави индивидуалната фигура како и целосната композиција многу жива, можат да се додадат и црквата Св. Никола во Прилеп, неколку цркви во Костурската област, како и манастирот Ѓурѓеви Ступови во Црна Гора. Изразите на драпериите, нагласеностите на цртите на лицето, додатоците на телото го поставуваат ова фрескосликарство надвор од онаа еднообразност што инаку би можела да се најде во концепциите на византиското сликарство.

Врз сите овие карактеристики што ги имаат фреските од групата на цркви од типот во Нерези, фреските во црквата во Курбиново се карактеризираат со додатна нагласеност. Ова е најзабележително при сликањето на драпериите. Испреплетените разбранети набори на одеждите на некои од фреските во Курбиново се изведени со таква совршеност што истите постануваат крај на самите себе и даваат целосен белег на целото дело. Немирноста и светлината на линијата при цртањето на драпериите им позајмува на лицата слични живи и возбудливи ефекти. Сето ова се зголемува со преголемата подвижност на фигурите што не може никаде да се изедначи во византиското сликарство. Иако често можат да се видат извесни деформации, логички е сватливо, а сето ова потсетува на подоцнежните ренесансни мајстори од Италија.

Фреските во Курбиново споредени со оние во Нерези во најмал дел изгледаат помалку прочистени, но во поголем дел експресивни. Фреските во Нерези се попристојни, поблагородни, нивниот префинет колорит ја изразува играта на хуманоста без никаква силна емотивност. Од друга страна во Курбиново движењата се посилни, лицата се поцврсти и построги и полни со жива изразеност, а боите се понекогаш груби. Посетителот во многу случаи ќе остане вчудоневиден од реализмот кој е изразен во претставувањето. Овој реализам е сосем спротивен на впечатокот на нереланост во соседните цркви. Носевите, јагодичните коски, коските на рамената, колковите и колениците се истакнати. Постои еден прилично забележителен пастир, една млада жена со голи рамена и едно дете кое вади трн од неговата нога. Орнаментиката на фреските во Курбиново е истотака забележителна. Тронот на Богородица во апсидата има живот сам за себе и истиот е со многу декоративни детали и богати инвенции.

Фрескосликарството на источниот ѕид во црквата во Курбиново е изведен со поголема финост и нежност, отколку останатиот дел од фреските, во кои преовладуваат окер и темни бои. По карактерот и монументалноста ова фрескосликарство покажува повисок степен на виртуозност, а исто така и колоритот е побогат. Ова е сосема мала црква и тешко е да се верува дека постојат два различни периоди на фрескосликање. Работата сигурно била изведувана колективно од една помала група на фрескосликари, каде главниот уметник им дава тон на останатите уметници.

Се претпоставува дека фреските во групата на цркви околу Св. Ѓорѓи во Курбиново и Св. Пантелејмон во Нерези се дело на една сликарска школа, која со променливи достигнувања го зафаќа периодот на втората половина на XII век, покривајќи го просторот од Костур до Ѓурѓеви Ступови во Црна Гора. Целосно, во овој комплекс на фрескоживописување фреските во Нерези се сметаат за најсупериорни, но во исто време би можеле да се постават и фрески од Курбиново кои се извишуваат над сите, а тоа се Благовештението, фреските во олтарната ниша и Вознесението на Богородица кои се вбројуваат во највредните дела што византиското фрескосликарство ни ги оставило во наследство.

Кон крајот на XII век овој тип на фрескосликарство, чиј најпознат пример е токму Св. Ѓорѓи во Курбиново, ќе биде пренесен и употребен во катедралите во Пистоја и Пиза, градови од италијанскиот регион Тоскана, каде што подоцна, врз основа на овој тип на фрескосликарство, ќе се развие и светски познатата италијанска ренесанса.

Извадок од книгата "Потеклото на фирентинското сликарство (1100-1270)" на унгарскиот историчар на уметноста Миклош Бошковиц издадена во 1994 година.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>