«

»

Aug 25 2013

Римските копнени експедиции до суб-сахарска Африка

Африка, особено нејзиниот суб-сахарски, тропски дел, со сета своја егзотика за Еврпјаните и Медитеранците, отсекогаш ја будела фантазијата и го привлекувала вниманието и интерсот за истражување кај овие народи. Уште од антиката медитеранските народи, особено оние кои биле познати по своите поморски вештини, се одлучувале на истражувањето на бреговите на “Црниот Континент”, некои од тие истражувачи дури се обиделе (а можеби и успеале) и да го обиколат континентот. Но, сепак, позначајните копнени експедиции за истражување на суб-сахарска Африка биле направени дури кон крајот на I век п.н.е. и во текот на I век н.е. од страна на Римјаните, кога овие конечно ја ставиле цела северна Африка под своја доминација по освојувањето на Египет во 30 г.п.н.е. Експедициите како главна задача имале да ги истражат можните комерцијални богатства во регионот и можноста за воспоставување на трговски патишта, но не е исклучена и можноста дека биле истражувани и околностите за негово подоцнежно освојување.

Првата од овие експедиции се случила во 19 г.п.н.е. кога римскиот војсководец Луциј Корнелиј Балбус Помладиот, по наредба на императорот Октавија Август, го освоил северно-африканското племе Гараманти и испратил тримесечна екпедиција на југ, водена од генералот Септимиј Флак. Експедицијата ги поминала планините Тибести и пустината Сахара и стигнала се од реката Нигер.

Следната позначајна експедиција се случила во 41 г.н.е. кога генералот Гај Суетониј Паулин, по задушувањето на едно востание во Мароко, се упатил преку планините Атлас и стигнал до реката Сенегал.

Реките Нигер и Сенегал во западна Африка

Најзначајната од овие експедиции е онаа во 62 г.н.е. испратена од императорот Нерон, а имала цел да го истражи течението и изворот на реката Нил, но и можностите за освојување на овој регион. Експедицијата била составена од повеќе легионери кои најпрвин биле испратени до градот Мерое во Нубија (денешен Судан), од каде што подоцна се упатиле на југ и најверојатно  стигнале се до изворот на Белиот Нил и езерото Викторија во денешна Уганда.

Течението на реката Нил

После оваа следела уште една експедиција во 90 г.н.е. , водена од некој трговец од градот Лептис Магна (во денешна северна Либија) по име Јулиј Матерниј, која траела четири месеци и стигнала до езерото Чад и северна Нигерија каде што опишал голем број на животни како носорози и нилски коњи.

Географската местоположба на езерото Чад

Дека овие експедиции имале свое влијание врз врските помеѓу Римската држава и суб-сахарска Африка, сведочат и голем број на пронајдени римски артефакти (главано поврзани со трговија) во овој регион кои датираат од I па се до IV век од н.е. Покрај тоа, римски монети се пронајдени дури во Мадагаскар и Зимбабве.

Римски мозаик од северна Африка од III век н.е. на кој се прикажани Пигмејци како ловат Нилски Коњ

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>