«

»

Aug 08 2013

Римското рударство во Брегалничкиот регион

Како многу значаен елемнт од културното и пред се’ материјалното творештво во римско време за Брегалничкиот и Подосоговскиот регион претставуваат остатоците од старото рударство.

Забрзаниот развиток на материјалната култура на човекот во најголема мера е условен со добивањето и употребата на рудните минерали. Луѓето од предисторијата, поточно од  бакарната доба (околу 3000 г.п.н.е.), го откриле бакарот од кој се правени најразлични метални орудија. Со тоа металот станува важен фактор кој открива нови перспективи во материјалното производство. Подоцна се откриени и други метали кои предизвикуваат вистинска револуција во материјалното производство. Од друга страна пак зголеменото материјално производство влијае врз целокупниот опшествен политички и стопански напредок.

По заземањето на Македонија во 167 г.п.н.е Римјаните почнале да го експлоатираат рудното богатство, кое на поединечни места било експлоатирано и предходно. Античките извори ни даваат скромни податоци за рударството во нашите области, но направени се теренски истражувања комбинирани со лабараториски истражувања кои за кусо време дале изворедно значајни резултати. Откриени се убедливи докази за интензивна рударска и металуршка дејност во нашите краеви.

Најголема концентрација на остатоци и наоди се наоѓаат во Злетовско-Кратовскиот регион кој со својата геолошка и географска структура (еруптивни карпи и купи), настанати како резултат на стари вулкански ерупции во потполност се разликува од соседното подрачје. На локалитетите Добрево, Гризлевци, Јамиште и Турско Рудари откриени се рударски јами со олово-цинкова руда. Длабочините на некои јами се движат до 50 метри, а должината и до 1 000 метри.

Рударски објекти-топилници регистрирани се на повеќе места, а најголема е онаа кај месноста Жгури, кај што е констатирана и римска населба. Наодите од монети од II век и од V-VI век зборуваат дека рудниците биле експлоатирани како во римскиот така и во рановизантискиот период.

Помеѓу селата Гризлевци и Добрево во месноста Плавица, во стар напуштен рудник, откриени се два интересни релјефи, врежани во самата карпа на рударската јама. На едниот релјеф претставен е Херакле, кој според римската религија и традиција е почитуван како заштитник на рударите. Вториот релјеф претставува сцена од секојдневниот живот на рударите. Претставен е рудар со рударска опрема, чекан и клин. Според изработката овие релјефи потекнуваат од II – III век.

Преку археолошки ископувања на локалитетот Градиште кај с. Секулица откриени се железни рударски алатки од римскиот и рановизантискиот период. Стари рударски алатки се откриени и кај с. Јамиште.

Најстарите монети најдени во градовите и населбите околу старите рударски објекти се од II век, што засега дава можност почетоците на рударската дејност во овие области да се датира во II век.

Во околината на овие значајни рударски наоѓалишта-рударски центри според Табула Појтингериана  би требало да се лоцира Транупара, втората станица на патот Стоби – Пауталија (Ќустендил), како поголема урбана градска населба. Иако околу овие стари рударски јами постојат низа мали и поголеми населби, станицата Транупара би можеле да ја убицираме нешто подалеку од рударските центри, но сепак во нивна близина кај с. Крупиште. Индиции за таква претпоставка даваат резултатите од археолошките истражувања во с. Крупиште. Веќе со сигурност може да се каже дека локалитетот во с. Крупиште претставува една од најголемите антички населби по течението на реката Брегалница.

Железна руда е експлоатирана во Малешевските планини. Во атарот на Пехчево, во падините на планината Буковик во месноста Раковец во стара јама пронајдени се рударски алатки. Траги од експлоатација на железна руда констатирани се и на локалитетот Жгури кај селото Митрашинци. Остатоци од римско рударење со екплоатација на железна руда евидентирано е и во долниот тек на реката Брегалница кај локалитетот Хисар – Црешче. Слични остатоци се наоѓаат и кај с. Дамјан Радовишко.

Многу значаен рударски микро-центар за проучување на старото рударство претставуваат атарите на селата Пекљане и Драгобраште во Општина Виница. На локалитетот Рашка кај с. Пекњане откриени се златоносни рударски галерии кои претставуваат посебно значаен споменик на културното наследство. Галериите се добиени со вадење на алувиалниот речен материјал, составен од речен камен чакал и песок, што укажува на голем и секако многу значаен  рударски опит. Златото се добивало со премивање на песокот во пералиштата на Пекљанска река. Галериите се истражени во должина од околу 80 метри. Според археолошките наоди констатирани надвор од галериите доаѓаме до заклучок дека тие биле во употреба во периодот од I до III век. Околниот терен изобилува со низа мали римски населби и утврдувања распоредени на левиот и десниот брег на реката Осојница. Идентична е ситуацијата и на бреговите од Пекљанска и Драгобрашка река.

Како посебна одлика на ова гранично подрачје помеѓу горна и средна Брегалница претставува погребувањето под могили чие мноштво , на релативно мал простор покрај факторот на етничката припадност на населението, претставува одлика и на многубројноста, односно збиеноста на населбите. Со своите димензии посебно се истакнува могилата Св. Недела лоцирана на левиот брег на реката Осојница.

На овој поширок простор северно од галериите на левиот брег од реката Брегалница се простира широката Калиманска висорамнина со неколку римски населби. Од овој терен, поточно од локалитетот Манастириште – Студењак, потекнуваат две мермерни статуи на Големата Херкуланка кои денес се чуваат во Заводот за заштита на спомениците на културата и Народниот музеј во Штип.

На локацијата Трговски Центар во Штип при изведувањето на длабоки откопи за поставување темели на станбена зграда откриен е изворедно добро сочуван дел од рударски галерии чија нсецелосна должина изнесува околу 40 метри, висина до 1,8 метри и широчина од 1,4 до 2,8 метри. На поедини места констатирани се вертикални кружни отвори во вид на бунари со вентилациона функција, а истовремено служеле за олеснето изнесување на рудните минерали.

Од внатерешноста на гелериите експлоатиран е конгломерат од песочник измешан со црвена земја, чакал и песок нанесен од коритото на реката Отиња. Нивото на галериите приближно одговара на денешното ниво на коритото на реката која се наоѓа во нивна непосредна близина. Изведените теренски опсервации укажуваат дека влезовите во галериите биле лоцирани во непосредна близина на реката. Извршените лабараториски истражувања по пат на плавење на рудните минерали ја дадоа следната состојба: во конгломератот на песочник измешан со црвеница присутна е и бакарна руда пирит и самородно сребро и злато, а во конгломератот на ситен чакал и песок составен од гнајсеви, гранитни и кварцни зрна присутно е самородно сребро и злато.

Откриените рударски галерии во потполност одговараат на галериите кај с Пекљани (Виничко). И двете галерии се наоѓаат на терен од алувиален речен насип. Присуството на злато и сребро во таквите наноси се должи на одлагањето на сребрена и златна прашина во насипите составени од кварцни зрна и распаднати гранити и гнајсеви. Вакви рудни наноси се среќаваат претежно во средниот тек на реките каде се образуваат терасести терени. Токму таков е случајот со нашите галерии. Земено пошироко, просторот по средниот тек на реката Брегалница, а особено подрачјето кое го зафаќа Општина Штип, испресечен е со многубројни мали рекички и суводолици кои на поедини места формираат големи речни насипи. Таков е случајот и со ареалот по течението на реката Отиња чиј изворишен дел составен од помали поточиња се наоѓа во близина на Бучимската рудоносна зона.

Во “хеленистичко” и римско време златото главно било добивано со премивање на речните песоци. Имајќи го во обзир тоа, јасно е дека рудниот минерал кој содржел злато и сребро бил премиван во пералиштата на реката Отиња. Прилог кон наведената констатација претставуваат и наодите од камени корита кои служеле за дробење на рудните минерали пред плавење.

Во близина на галериите откриени се и жгури од топена бакарна руда што укажува на експлоатација на бакарна руда и постоење на топилници. Покрај експлоатацијата на бакарна руда, сребро и злато, констатирана е и екплоатација на железна руда. Во засекот на гранитните карпи од левата страна на патот Штип – Радовиш помеѓу Ново Село и градските гробишта, на локацијата Клисура, регистрирани се 7 рударски јами вкопани на различни висински нивоа. Висината на јамите се движи од 1,1 до 1,3 метра, а широчината од 1,15 до 1,4 метра. Истражени се само две јами во должина од 8, односно 9,3 метри. Индиции за постоење на рударска дејност со експлоатација на железна руда постојат и на локацијата Л’џи кај Ново Село. Доказ за експлоатација на железна руда се и наодите од топена железна жгура. Врз основа на досегашниот степен на проученост,гелериите ги датираме во римско време од I до III век. Како потврда за тоа се и најблиските аналогни рударски дејности, златоносните рударски галерии кај Пекљани датирани во римскиот период од I – III век.

Како директен доказ за експлоатација на галериите, лоцирани кај Трговскиот Центар, во римско време претставуваат наодите од фрагментирана римска керамика и фрагментот од мермерна колона украсена со вертикални канелури, најдени во површинскиот слој над галериите. Не се исклучува можноста галериите да биле во употреба и во “хеленистичко” време.

Наведените пронајдени стари рударски дејности го вбројуваат градот Штип во еден од најзначајните антички рударски центри во Македонија. Сумирајќи ги сите наведени елементи: рударските галерии како објекти за експлоатација на бакар, железо, сребро и злато, нивната временска определеност и нивната потесна локација, се претпоставува дека тие претставуваат составен дел од некогашната рударска и металуршка дејност на античката урбана населба Астибо.

Користена литература:

“Брегалничкиот басен во римскиот и раниот средновековен период” од Звонко Белдедовски, Штип, 1990 година.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>