«

»

Jan 09 2014

Саксонски рудари во Македонија

Средновековието во Македонија било доста динамично и турбулентно, главно поради тоа што во овој период во Македонија навлегуваат голем број на различни народи, племиња, мигрирачки групи, од кои дел од нив се населиле трајно, дел го продолжиле патот во изнаоѓање на “своја земја”, а дел продолжиле со својата омилена активност – пљачкосување, зулумќарење и сеење страв на Балканите. 🙂 Една од најинтересните мигрирачки приказни поврзани со македонското средновековие е онаа на групите Саксонци (Saxons/Sahson/Sachsen/Sassen, или едноставно познати како Саси) кои се населуваат во североисточна Македонија.

Првото населување на луѓе од областите Саксонија и Шлезија на Баканот е направено под покровителство на унгарскиот крал Геза II на територијата на Трансилванија во 12 век, со цел обезбедување на југоисточната граница на Унгарското Кралство.

Регионот Саксонија во Германија

Регионот Шлезија

Овие трансилваниски Саксонци, се’ до ден-денес, опстојуваат како посебна етничка заедница во Романија.

Грбот на Трансилваниските Саксонци

Потоа, во 13 век, под покровителство на српскиот крал Стефан Урош I, групи на Саксонци, главно рудари по професија, кои најверојатно бегајќи пред монголските хорди од Трансилванија, се населуваат во поголемите рударски центри во тогашното Српско Кралство, како: градот Рудник, населбата Трепча, планината Рогозна, населбата Ново Брдо во Косово и населбата Брсково во Црна Гора. Саксонските доселеници се здобиле со голем број на привилегии од страна на српските кралеви, како поголема автономија во уредувањето на нивните населби и во слободното исповедање на својата католичка религија. Истотака, во 14 век, групи на Саксонци под покровителство на бугарскиот цар Иван Шишман се населуваат во околината на градот Чипровци.

Во Македонија, Саксонците се доселуваат во 13 век, на територијата на Кратово, Крива Паланка, Кочани, Штип, Пробиштип и Осоговските Планини. Ова населување било под покровителство на српските кралеви под чија власт тогаш бил овој дел од Македонија. Во овој регион главно била експлоатирана железна, оловно-сребрена, но и златна руда, а поради сложената технологија за преработка на среброто и златото, искуството на познатите саксонски рудари било повеќе од добредојдено.

Средновековен рудар

Средновековен рудар

Саксонските доселеници се главната причина за големиот рударски и економски бум во овој дел од Македонија во 13 и 14 век. Во еден од најзначајните рударски центри во овој регион – Злетово, благодарејќи на развојот на рударството, изникнал еден голем, богат и развиен пазар кој од средината на 14 век морал да му плаќа по 100 перпери (златници) годишно на Злетовскиот епископ, односно на Лесновскиот манастир. Развиеното рударство му донело голема моќ и на деспотот Јован Оливер кој владеел со овој регион во 14 век, што можеме да го заклучиме и од фактот што тој ковал сребрени монети со своето име.

Рудникот Злетово

Со одминување на времето, доселените Саксонци почнале да се претопуваат во локалното, македонско население, но како сведоштво за нив останале имињата на повеќе населени места како: Саса (село и истоимен рудник во Општина Македонска Каменица), Луке (село во општина Крива Паланка), Шлегово (село во Општина Кратово), Шталковица (село во Општина Пробиштип), потоа топонимите Штона и Халден, името на планината Осогово (се претпоставува дека името претставува кованица од старогерманските зборови Osso (Бог) и gov (место) што би значело “божјо место” или “свето место”), името на реката Латишница итн. Кај локалното население се сочувани и повеќе зборови од германско потекло како: фурник (работник), утман (рудар), шљака (згура), штона (јама) и други.

Истотака постојат и преданија поврзани со населувањето на Саксонците. На пример, една кратовска легенда говори дека кога се доселиле првите седум саксонски фамилии во градот, секоја фамилија засадила по едно дрво – 5 бора и 2 костена. Се верува дека два бора од седумте дрвја сеуште опстојуваат во денешниот градски парк во Кратово.

Населувањето на Саксонците во Македонија претставува една доста интересна епизода од македонското средновековие, за која, за жал, нема многу широко расположливи податоци, па затоа ги замолувам сите читатели кои знаат нешто повеќе во врска со оваа тема да го споделат своето знаење со нас.

Поздрав и пријатен ден !

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

1 comment

  1. Ivo

    Едно од честите машки имиња денеска во кратовско а и дел од паланечко е машкото име: Роте
    Чисто германско име 🙂

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>