«

»

Oct 08 2014

Се наѕира ли античкиот град Антигонеа во неготинско Градиште?

Дали археолошкиот локалитет Градиште во Неготино го крие античкиот град Антигонеа? Ова е прашањето на кое се очекува да даде одговор меѓународниот истражувачки проект што се спроведува веќе шеста година. Проектот го раководат вишиот кустос археолог Горан Санев од Археолошкиот музеј на Македонија и професорот Николас Секунда од Универзитетот во Гдањск, Полска, во соработка со Музејот на градот Неготино, од кој е вклучен археологот Костадинка Филипова. Локалитетот Градиште се наоѓа на рид на влезот во Неготино, а за постоењето на Антигонеа науката дознава од Појтингеровата карта. Се претпоставува дека градот бил именуван по македонскиот крал Антигон Досон или Антигон Гонат, во 3 век пред нашата ера, а неговата убикација на Градиште е извршена од страна на професорот Иван Микулчиќ.

gradiste negotino 1

– Овој локалитет е многу значаен за археологијата во Македонија, пред сѐ поради неговиот потенцијал преку истражувањата да се добијат нови информации, не само за историјата и организацијата на овој антички град туку генерално и за изгледот и животот на раноантичките градови на територијата на Македонија. За мене како археолог истражувањето на еден антички град претставува најголем предизвик. Тоа е како голема сложувалка, чии елементи секојдневно ги откриваме, па така полека ја формираме сликата за изгледот и за животот на градот во минатите времиња – вели раководителот на проектот Горан Санев.

Градот бил керамичарски центар во регионот

Сознанијата за градот на Градиште и за неговата историја континуирано се надополнуваат во изминативе шест години.

– Во еден од секторите на локалитетот на кој претпоставувавме дека имало резиденцијален објект, годинава откривме монументален влез широк 2,5 метри, што веднаш нѐ насочи кон нови размислувања за неговата функција. Претпоставуваме дека станува збор за објект од комерцијален карактер, можеби некоја продавница – објаснува Санев.

Во богатиот движен материјал откриен при истражувањата, меѓу мноштвото наоди има и такви што се уникатни. Меѓу нив е теракотна фигурина, која по својот изглед и форма досега не е сретната на ниеден локалитет во Македонија. Се откриваат и калапи за керамички светилки, но и на примероци на светилки извадени од истите калапи остатоци и од калапи за изработка на теракотни фигурини.

– Кога на ова ќе се додадат и сознанијата за печката за производство на керамички садови, случајно откриена во западното подножје на ридот во 1970-тите години, но и постоењето на глиништата во непосредна близина на локалитетот, кои и денес се користат за истите цели, станува јасно дека овој град имал развиено производство на керамички садови и веројатно претставувал керамичарски центар во регионот – додава Санев.

Стратегиската позиција на Градиште е извонредна бидејќи овозможува од ридот да се надгледува огромна територија. Поради тоа се смета дека тука било воено утврдување, своевиден контролен, односно стражарски пункт, но досегашните истражувања засега открија само живеалишта со покуќнина, односно садови вообичаени за домаќинството, кои биле организирани во урбанизирана населба со улици, канали за одвод на водата, тротоари. Археолозите се надеваат дека со наредните истражувања, додека трае проектот со Универзитетот од Гдањск, ќе успеат да откријат и дел од јавните градби на градот.

– Сакаме да дознаеме каде сме, дали навистина овој град се викал Антигонеа, која била неговата функција во минатото и кои биле неговите жители. Последното прашање е можеби и еден од најголемите предизвици за нас, да го утврдиме етничкиот идентитет на жителите на градот. Дали станува збор за истото автохтоно население чие градителство го следиме уште од 4 век пр.н.е. до 3 век н.е., кога животот во градот постепено замира – вели Санев.

Слична керамика во Градиште и во Стоби

Професорот Николас Секунда повеќе години предава медитеранска археологија на Универзитетот во Гдањск и е мошне заинтересиран за археолошките истражувања во Македонија. Тој, како што вели, е задоволен од досегашните резултати, кои ќе бидат објавени во повеќетомно издание што веќе се подготвува, а се работи и на изложба што ќе биде презентирана во Македонија и во Полска. Проектот се финансира од Министерството за култура, но и од извори од Полска, а тимот очекува дека ќе бидат обезбедени пари и за наредните три години.

– Мислам дека локалитетот бил важен керамичарски центар на ова подрачје. На пример, керамиката што се открива во Стоби во голем дел е имитација на керамиката во Италија, но овде на Градиште се соочуваме со еден континуитет на стари хеленистички форми – вели Секунда.

Полскиот професор вели дека постојат показатели за можната поврзаност на двата локалитети поради географската близина.

– На двата локалитети се среќава истата локална садова керамика од римскиот период, но додека не направиме хемиски анализи за составот на глината на садовите, не можеме да кажеме дали и во колкава мера керамичките производи од Градиште биле дистрибуирани во Стоби. Како што веќе споменав, според нашите сознанија, животот на Градиште замира некаде околу 3 век н.е., што е и разбирливо, бидејќи тоа е време кога Стоби како муниципиум е главниот центар во овој регион. Од друга страна, најстарите урбани слоеви на Градиште што ги евидентиравме со истражувањата датираат од 4 век пр.н.е., што е далеку пред формирањето на Стоби – вели Секунда.

Автор: Мирјана Мукаетова

Текстот е превземен од Нова Македонија.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>