«

»

Apr 24 2015

Скупи со римскиот театар е грандиозен музеј на отворено

Во последната фаза на истражувањата на античкиот театар најдени се неколку гроба чие откривање е во тек. Овие гробови се особено значајни затоа што ќе го дефинираат хронолошкиот момент кога римскиот театар престанал да функционира и, веројатно, просторот бил искористен за некропола, можеби за христијанските маченици.

skupi-rimski-teatar

Последните откритија на мермерната скулптура, заедно со 500 артефакти пронајдени во 2015-та, но и 5.000 предмети откриени во 2014-та, како и античкиот театар од 2 век го прават локалитетот Скупи атракција која ќе прерасне во грандиозен музеј на отворено.

Со проектот “Антички театар – Скупи 2013 – 2017 година” досега се реализирани најголем дел од предвидените фази.

“Во текот на 2013 година (прва истражувачка фаза), завршени се подготвителни активности, кои подразбираа расчистување на просторот на целиот театар и примена на неинвазивни истражувачки активности и снимања, неопходни пред отпочнувањето на интензивните систематски археолошки истражувања. Во 2014 година (втора истражувачка фаза), пак, реализирани се систематски археолошки истражувања на целиот простор опфатен со театарот и делумно непосредната околина со површина од околу 10.000 метри квадратни”, објаснува доц. д-р Антонио Јакимовски, раководител на истражувањата.

Тој посочува дека во овие фази се најдени неколку културни хоризонти, кои претходеле на градбата на театарот или се формирале по престанокот на неговата егзистенција, што укажува дека на овој простор постоел континуитет во населбинско живеење илјадници години.

На локалитетот се откриени некропола од железното време 8 и 7 век пр.н.е., римски театар од 2 век до доцен 4-ти ран 5 век, населбинско живеење во доцната антиката, доцен 5-ти ран 7 век, населбинско живеење во раносредновековниот период 9 и 10 век и некропола од раносредновековниот период 10 и 11 век.

“Во последната фаза на археолошките истражувања на античкиот театар најдени се неколку гроба вкопани во здравицата на оркестрата, чие откривање е во тек. Овие гробови се особено значајни затоа што ќе го дефинираат хронолошкиот момент кога театарот престанал да функционира и веројатно истиот простор бил искористрен во функција на некропола, можеби за христијанските маченици. Еден од овие гробови претставува кенотаф, што значи празен гроб подигнат во спомен на покојникот. Овој гроб воедно претставува и најинтересниот помеѓу досега најдените, бидејќи беше покриен со мермерен столб и мермерна скулптура прекрасно изработена и речиси во целост зачувана со исклучок на долниот дел од торзото и главата”, додава Јакимовски.

Според планираната динамика се очекува по финализирањето на истражувањата, до крајот на оваа година да се заврши конзервацијата на сценската зграда и да се изработи проектот за реконструкција на гледалиштето, чија конзервација ќе се заврши во 2016-та кога театарот ќе биде ставен во јавна функција.

“Проектот е целосно откривање на архитектонската структура на римскиот театар, негова конзервација реконструкција, и презентација пред пошироката јавност, односно негово ставање во функција на јавно добро како современ културен епицентар каде ќе се одржуваат бројни манифестации, концерти, промоции, перформанси…”, посочува Јакимовски.

Бројниот движен археолошки материјал од околу 5000 предмети, во кој доминира фрагментираната грнчарија, но и предмети од стакло, метал, коска, камен, монети, архитектонска камена пластика со широк хронолошки распон од рамскиот империјален период до раносредновековниот период му дава дополнителна монументалност на целиот простор.

Автор: Д.Т.

Текстот е превземен од Вечер.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>