«

»

Jul 02 2014

Театарот во Скупи собирал повеќе народ од арената “Борис Трајковски”

Kамени блокови – седишта од гледалиштето открија археолозите на античкиот театар во Скупи. Станува збор за најголемиот објект кој во првите неколку века по Христа бил изграден на територија на денешна Македонија. Театарот бил огромен по површина. Зафаќал 22.500 квадратни метри и во него можеле да се сместат меѓу 8 и 10 илјади гледачи (повеќе отколку што денес собира скопската арена „Борис Трајковски“).

Пред речиси 2.000 години луѓето во ова поднебје имале ваков театар. Kолку жители требало да има Скупи и околината за да изградат граѓаните ваков монументален објкет? И како живееле тие пред два милениума?

Раководител на ископувањата е д-р Антонио Јакимовски од катедрата за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Заменик-раководител е д-р Ленче Јованова од Музејот на град Скопје, која со години го истражува Скупи. Kоординатор на тимот е Љубица Kондијанова, директорка на градскиот музеј.

skupi teatar 2014

Изграден во чест на Хадријан

– Театарот бил поголем и од театрите во Стоби, Охрид и во Битола. Се претпоставува дека површината на Скупи била огромна, околу 44 хектари. Местото кое го ископуваме нема ниту 10 отсто од вкупната локација. Навистина е голем просторот кој допрва треба да се истражува. Скупи имал статус на колонија во Римската Империја – вели Јакимовски.

Има податоци дека во тоа време во Скупи живееле околу 50.000 жители, но според Јакимовски, тие не се потврдени.

– Во секој случај, театарот не им служел само на жителите на Скупи, туку бил за целата околина – вели Јакимовски.

Најстарите материјални докази за живеењето на Скупи датираат од железното време, во 8 век пред новата ера. Истражувајќи го театарот археолозите во ѕидовите на објектот пронајдоа пајонски гроб од тоа време. Животот продолжил во римско време, во доцната антика, се’ до средниот век. Тоа го потврдуваат гробовите од 11 до 13 век, богати со прстени, обетки, ѓердани. Под нив деновиве излезе и средновековна населба.

Театарот бил изграден околу 125 година и функционирал најдоцна до 330 година. Според археолозите, изградбата на објектот се поврзува со поминувањето на римскиот император Хадријан на овие простори. Бил изграден за да му се направи чест и да се покаже дека и тука има римска култура.

– Ги откопавме коридорите. Тие биле целите засведени, а врз нив биле поставени седиштата. Пошироките лакови служат да се распоредат луѓето, како денес во партерите. Пронајдовме само две седишта и уште една половина, на која има и натпис, но се’ уште не е прочитан. Овие блокови се многу важни бидејќи според нив ќе се прави целата реконструкција и конзервација. Сценската зграда е истражена. Дел од неа е под денешните гробишта. Одлучено е тој дел да не се работи. С` уште немаме потврда дали се одржувале гладијаторски борби во театарот, но најверојатно се користел, исто како и другите антички театри – вели Јакимовски.

Големите промени се случиле по 313 година, не само во овој регион, туку во целиот свет – императорот Kонстантин Велики го прогласил христијанството за официјална религија.

– Претходно христијаните ги фрлале на животни, ги убивале спектакуларно во театрите. Потоа тие била прогласени за маченици. Луѓето ги разградувале театрите, а камените блокови ги користеле како свет материјал и го вградувале во црквите. Речиси цел материјал од театарот е изнесен, освен тие два и пол блока засега – вели Јакимовски.

Домашните археолози долги години сметаа дека седиштата и другиот градежен материјал од театарот бил вграден во скопското Kале. Според Јакимовски, сe’ уште е рано тоа да се потврди.

– Треба да се направи и анализа на каменот, дали е од Бразда, Матка или од друго место. Треба истиот да се користи и за изработка на реконструираните седишта – вели тој.

Империјалниот период е слабо истражен

Археологот Иван Станчевски се приближува со новооткриени предмети.

– Ете врв од стрела. Овие предмети се од доцноантички период. Во тоа време театарот веќе не постоел – врз него биле изградени куќи. Тоа е населба која егзистирала од 330 година до околу 550 година. Има најмалку два културни слоја. Третиот е многу плиток и тешко можеме да го „фатиме“. Имало лозје, било орано до 70 сантиметри во длабочина – објаснува Станчевски.

Според Ленче Јованова, во различни временски периоди, Скупи различно живее – поинакви објекти се во функција, се менува лицето, димензиите, урбанистичките решенија на градот. Во времето кога бил користен театарот урбаниот живот во градот е на највисоко ниво.

– Тогаш се најголемите урбанистички и градежнички дострели. Тоа не значи дека во подоцнежниот период не се повториле овие фази – вели Јованова.

Скупи прераснал во колонија во времето на Домицијан, во 80 години од првиот век. Тогаш била поставена урбаниситичката мрежа на градот, со две вкрстени главни улици (кардо и декуманус) и низа паралелни улици во чии пресеци се наоѓаат градските квартови.

– За жал, од тој период и од времето на Хадријан нема многу објекти, освен театарот, делови од уличната мрежа, остатоци од една градска вила – домус за живеење и мали сегменти од други станбени објекти во централното подрачје. Има индиции дека од вториот век е големиот термален објект каде што пред неколку години беше пронајдена скулптурата на Венера Пудика. За останатите градби од тој период сe’ уште немаме сознанија. Тие сигурно постојат, но повеќе сме го истражувале доцноантичкиот период – вели Јованова.

Археолозите се сигурни дека имало најмалку две фази на обѕидување на Скупи. Во империјалниот период градот бил многу поголем, а се стеснил во доцната антика.

Ќе биде реконструиран до 2017 година

Македонските археолозите веќе две години го истражуваат театарот. До 2017 година објектот треба да биде сосема истражен, конзервиран, реконструиран и предаден во употреба како летна отворена сцена на која ќе се одржуваат многу културни настани. Околу 200 луѓе се ангажирани на ископувањата. Од нив 35 се стручна екипа. Во моментот ова е еден од најголемите археолошки проекти што се работат во Македонија. Финансиран е со 49 милиони денари, како капитален проект на Владата.

Автор: Весна И. Илиевска

Текстот е превземен од Дневник.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>