«

»

Jan 19 2015

Топ 10 археолошки откритија за 2014 година

Годинешниве топ 10 откритија доаѓаат од сите делови на светот и ги опфаќаат сите векови, но како што укажува списанието “Археологија“ тие се обединети во намерата да покажат дека археологијата е способна да ги открие сокриените вистини и да потсети дека секогаш постојат нови работи кои можеме да ги научиме за минатото.

1

Списанието “Аrchaeology” на Американскиот археолошки институт како и секоја година и оваа состави листа од 10 најважни археолошки откритија во изминатата година.

1. Наја – Скелет на девојче стар 13.000 години

На полуостровот Јукатан уште во 2007. нуркачите во една од поплавените пештери позната како Хојо Негро (црна дупка) пронашле речиси недопрен скелет на 15-годишно девојче наречено Наја, по грчките морски нинфи. Во 2014. пак, во јавност е изнесено се она што е откриено со анализата на нејзините заби и коски. Се воспоставило дека таа живеела пред 12.000 до 13.000 години што ја прави една од најстарите луѓе пронајдени некогаш во Америка.

2

2. Тврдината на “Синозабиот“

Второто откритие е тврдината на “Синозабиот“ која се наоѓа во Данска. На полето југозападно од Копенхаген се наоѓаат остатоци од тврдината за која се верува дека ја изградил Харалд “Синозабиот” Гормшон, викиншки воин од 10. век  кој станал првиот крал на Данска. Тоа е првата тврдина пронајдена во оваа земја во последните 60 години.

3

3. Мумифицирање пред фараоните

Со анализа на египетскиот погребен покров кој во британскиот Болтон музеј стоел од 1930 години, археолозите дошле до сознание дека древните Египќани со мумифицирањето на мртвите започнале уште во 4.300 години пред н.е. што е за околу 1.500 години порано отколку што се мислело. Интересно е што мумиите на почеток биле завиткувани само околу главата, стапалата и шаките, додека завиткување на целото тело, вадењето на внатрешни органи и уфрлување на сол е подоцнежна пракса.

4

4. Потопена византиска базилика

На листата се наоѓа и потопената византиска базилика во езерото Изник во Турција. Древниот град Никеа се наоѓа на само 100 километри од Истанбул, на бреговите на езерото Изник и досега не им бил непознат на археолозите. Сепак, тие се шокирале кога за време на вообичаеното надгледување на езерото од воздух виделе контури на базиликата од 5. век. Езерото сега ќе биде подводен археолошки музеј.

5

5. Еребус и Терор

Ретко кое археолошко откритие е објавено од страна на шефот на државата, а тоа се случи со остатоците од брод бронајдени во ледените арктички води во близина на Канада. Премиерот Стивен Харпер во септември минатата година соопшти дека по повеќедецениска потрага е решена една од најголемите мистерии на Канада – пронајдени се два брода кои биле дел од експедицијата на Френклин, а исчезнале во 1846 година. Сер Џон Френклин командувал со два брода Еребус и Терор – а тргнал од Англија во мај 1845. за да го пронајде Северозападниот премин. Бродовите исчезнале и со децении не се знаело што се случило со нив.

6

6. Декодирање на неандерталска генетика

На листата на главните откритија во 2014. се најде и таканаречено декодирање на неандерталската генетика. Првиот “нацрт” на генетскиот код на неандерталците е објавен во 2010. а истражувачите од универзитетот во Ерусалим и Институтот Макс Планк подлабоко ја истражиле епигенетиката област која утврдува кои гени се активни, а кои не се, што влијае на “карактерните особини” на некоја личност. Се воспоставило дека гените кои влијаат на обликот на телото биле многу неактивни кај неандерталците, а активни кај луѓето. Според научниците, иако гените биле исти кај неандерталците и кај луѓето, поради нивната пасивност, неандерталците имале големи шаки, пошироки колена и пократки екстремитети. Исто така многу гени кои влијаат на психички и неуролошки болести, како Алцхајмер, аутизам, шизофренија, се активни кај модерните луѓе, но не и кај неандерталците. Активноста на гените всушност нуди можност за поинакво вмрежување на нашите мозоци, но и поголем ризик од болести.

7

7. Најстар будистички храм на светот

Откритието ја поттикна и дискусијата за тоа кога Буда живеел. Археолошките отркритија во Лумбиниј, Непал, понудиле нови детали за првите години на будизмот. Според традицијата, Лимбини е место каде Маја Деви го родила Сидарт кој подоцна станал Буда. Многу древни будистички храмови потекнуваат од 3. век пред.н.е. и владеењето на Ашоки, кралот на Маурјанската династија кој прв почнал да го шири будизмот. Под остатоците на еден храм од тој период, археолозите пронашле дрвена структура преку која се подигнати подоцнежните храмови. Се воспоставило дека структурата потекнува од  6. век пред н.е. што ја прави најстар будистички храм на светот.

8

8. Амфиполис

Пред 40 години северно од Солун пронајдени се остатоци од гробницата во древниот антички град Амфиполис и уште тогаш се верувало дека огромната дупка е “дом”, некоја гробница или погребен споменик на некоја важна личност. Ископувањата се прекинати, па повторно продолжени во 2012. кога се откриени делови од ѕидот кој го опкружувал гробното место. Минатото лето тимот на археолози пронашол убави предмети во гробницата вклучувајќи го и влезот во гробницата чуван од две сфинги, ред од каријатиди, подови каде е откриен мозаикот на кој е претставено киднапирањето на Персефона, мермерни врати и делови од бројни скулптури, што предизвикало и шпекулации во Грција и светот дека се работи за гробница на важна личност од времето на Александар Македонски.

9

9. Откритие на 22.000 римски парички

Археолог-аматер во југозападниот дел на Англија со детектор за метал пронашол една од најголемите колекции на римски парички. Се работи за 22.000 монети од периодот од 260. до 340. година  пронајдени во Ситон Даун во Девон. Можно е да се работи или за касата на некој поединец, комерцијалната трансакција или за плата наменета за војниците.

10

10. “Церемонијален пејсаж” во Стоунхенџ

Иако Стоунхенџ сам по себе е доволно спектакуларен, археолозите со ласерско скенирање од воздух, радар и другите геофизички технологии минатата година откриле дека 5.000 години стари камени столбови се дел од поширокиот неолитски “церемонијален пејсаж”, поточно дека под Стоунхенџ и долж Салсбери се наоѓаат 17 нови споменици и на стотини археолошки наоѓалишта во вид на мали храмови, гробници и големи јами.

11

Текстот е превземен од Вечер.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>