«

»

May 28 2014

Византиски iPad

Различните технолошки пронајдоци како преносните компјутери, паметните телефони и таблетите се од непроценливо значење за оние луѓе кои имаат брз начин на живот, живот во кој секоја секунда е вредна и каде е потребно брзо да се забележи или провери некоја информација. Но, што правеле оние луѓе од пред илјада години кои немале пристап до дигитална технологија и интернет, а живееле динамичен деловен живот. Одговор на ова прашање добивме со едно неодамнешно откритие во Босфорот.

Имено, пред нешто повеќе од една недела, во подводниот археолошки локалитет познат како Пристаништето на Теодосиј во Турција, меѓу остатоците на византиски брод од IX век беше откриен дрвен предмет со дијаметар од скоро 18 сантиметри. Предметот бил составен од пет правоаголни панели, поставени еден врз друг, покриени со восок. Овој предмет бил наменет за запишување на одредени информации, што може да се заклучи од сеуште видливото писмо, кои подоцна можеле да бидат избришани со топење на восокот и целата направа да биде “ресетирана” и подготвена за забележување на нови податоци.

Овој средновековен “пиши-бриши” имал и една “апликација” на долниот панел каде со повлекување на еден дел се откривале повеќе помали тегови. Се претпоставува дека оваа “апликација” му овозможувала на корисникот да одреди за кој метал се работи во одредена руда или легура. Според тоа се претпоставува дека “таблетот” му припаѓал на некој византиски трговец.

byzantine-ipad

Кога сме веќе кај овие историски преносни алатки, треба да се спомне и една од кинеско производство. 🙂 Имено, во 17 век во Кина се правеле “паметни прстени”, односно прстени на кој се наоѓал минијатурен абакус со димензии 1.2 cm x 0.7 cm, составен од 7 прачки на кои се наоѓале по 7 зрнца со дијаметар помал од 1 mm. Зрнцата единствено можеле да бидат поместени со игла.

chinese smart ring

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>