«

»

Dec 28 2015

Во среда отворање на “Археолошка изложба 2015” во Археолошки музеј на Македонија

Управата за заштита на културното наследство со големо задоволство го најавува отворањето на „Археолошка изложба 2015“, која по деветти пат се реализира на крајот од годината, презентирајќи ги најзначајните археолошки пронајдоци откриени во текот на годината.

„Археолошка изложба 2015“ ќе се отвори на 30 декември (среда), во 12:30 часот во НУ Археолошки музеј на Македонија. „Археолошка изложба 2015“ вклучува повеќе стотици артефакти од десетици археолошки локалитети, некои познати во научната сфера, а некои за првпат откриени изминатава година.

arheoloska izlozba 2015 plakat 1

Со проектот „Археолошки катастар на Република Македонија“ се изведени интензивни теренски активности на старите градови и тврдини на територијата на Македонија. Пронајдени се стотици сребрени и бронзени монети од антиката и средниот век, како и други археолошки наоди. Околу педест проценти од истражуваните локалитети се за првпат откриени токму во 2015 година.

Наодите од истражувањата на античкиот театар во Скупи исто така заземаат значен дел од поставката. Минатава година најголемиот антички театар во Македонија, и пошироко, е целосно археолошки истражен, и започната е конзервација на сценската зграда.

Поставката ги вклучува и веќе добро познатите наоѓалишта – античките цивлизациски градски центри: Билазора кај Свети Николе, каде што се истражува т.н. владетелска палата од IV и V век п.н.е.; извонредно богатиот пајонско-македонски град на Градиште кај селото Младо Нагоричане, Кумановско; античкиот град Стибера во областа Девриоп; потоа Пелагонија, главен град на истоименото античкото кралство, на локалитетот Старо Бонче, Прилепско; праисториската опсерваторија Кокино во Кумановско; потоа за првпат годинава античкиот град во Кичево, на локалитетот Китино Кале во Кичево и Еминбеговата кула во Кратово.

Истражувањата на споменатите локалитети се дел од капиталните проекти на Владата на Република Македонија, а во координација на Управата за заштита на културното наследство, и се реализираат преку установите: НУ Археолошки музеј на Македонија; Музеј на град Скопје; Филозофски факулетет – Скопје; Заводите и Музеите од Прилеп и Охрид; НУ Музеј – Куманово; Народен музеј – Свети Николе; Музеј на град Кратово и ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп.

Извор: Управа за заштита на културното наследство

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>