«

»

Jul 02 2014

Востанието на Ѓорѓи Војтех (1072-1073)

Неподносливата ситуација за балканските народи, вклучително и македонскиот, предизвикана од експлоаторската политика на Константинопол продолжила и по востанието на Петар Делјан (1040-1041). Како резултат на таквиот гнет, одново се засилил отпорот. Востанието во Тесалија од 1066, предводено од управникот на Лариса Никулица Делфин (чиј дедо бил управник на Лариса во времето на Самоиловото владеење) било брзо задушено и не успеало да се прошири во Македонија.

Конечно, во 1072 година во Македонија се дигнало ново востание, на чело со Ѓорѓи Војтех. Центарот на востанието бил Скопје. Востаничките водачи се обратиле за помош до зетскиот (црногорскиот) владетел Михаил (1052-1081), кој бил во роднински врски со Самоиловиот царски род. Михаил им го испратил својот син Константин Бодин, со 300 одбрани војници. Востаниците, на чело со Војтех, го пречекале Бодин во Призрен и го прогласиле за цар, преименувајќи го во Петар, во чест на Петар Делјан.

Македонска поштенска марка од 1999 година со  претстава на Ѓорѓи Војтех

Македонска поштенска марка од 1999 година со претстава на Ѓорѓи Војтех

Во пресрет на востаниците се упатил тогашниот скопски дукс (управител) Никифор Карантин. Кон војската на Карантин се придружил и новоназначениот дукс на Скопје, Дамјан Даласин. Во битката до која дошло кај Призрен, византиската војска била поразена. Меѓу заробените се нашол и новиот скопски дукс. Потоа, Бодин ја разделил востаничката војска на два дела. На чело на едниот дел застанал тој и се упатил кон Ниш. Командата на другиот дел му ја доерил на Петрило и го упатил кон внатрешноста на Македонија. Во Скопје веќе се наоѓал Војтех, па Петрило тргнал кон Охрид. Охриѓаните го пречекале како свој ослоботил. Без борби на Петрило му се предал и Девол. Стратезите на овие два града, заедно со многу други, меѓу кои имало и провизантиски настроени македонски феудалци, избегале во утврдениот Костур, па заедно со костурскиот стратег се готвеле за напад на востаниците. Петрило тргнал кон Костур, но наишол на силен отпор. Здружените византиски војски излегле од градот и им нанеле силен пораз на востаниците. Самиот Петрило успеал да избега и да стигне кај својот господар Михаил во Зета.

Бодин, пак ги истиснал Византијците од нишката област, но поразот кај Костур и византиската офанзива што потоа следела го запреле победоносното движење на Бодиновата војска.

konstantin bodin

Константин Бодин

Византиската војска, предводена од Михаил Саронит тргнала првин на Скопје. Исплашен од големата војска, Војтех ја прифатил понудата да го предаде градот без борба, но истовремено го повикал Бодина на помош. Известен за тоа, Саронит го пресретнал и го поразил Бодин на Косово Поле. Во ропство паднал и Бодин, па заедно со фатениот Војтех бил испратен во Константинопол. По патот, поради сурово мачење, Војтех умрел. Бодин бил затворен во Константинопол, а подоцна со посредство на платеници-венецијанци се вратил во Зета.

Во 1073 година во Македонија биле упатени нови византиски сили, со цел да се ликвидираат изолираните востанички пунктови што продолжиле да даваат отпот. Тогаш биле разурнати царските дворци во Преспа, а бил ограбен и тамошниот храм. Сепак, отпорот продолжувал, па во Македонија морало да се упати друга голема војска, на чело со дуксот Никифор Вриениј. Палејќи и рушејќи секаде каде што наидувал на отпор, Вриениј успеал конечно да го задуши востанието, до крајот на 1073 година.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>