«

»

Jun 17 2014

Востанието на Петар Делјан (1040-1041)

Отпорот на македонскиот народ против византиското господство и засилената феудална експлоатација започнала да се манифестира уште во првите години по паѓањето на Самоиловото царство. Веќе во 1040 година тој прераснал во вооружено востание, предводено од Петар Делјан, син на Гаврило Радомир од нековата прва жена, ќерка на унгарскиот крал.

PetarDelyanIsProclaimedTsar

Петар Делјан прогласен за Цар

Востанието добило поттик и поддршка од унгарскиот крал кога започнало во моравско-белградските области гранични со Унгарија. Признавајќи го за свој цар Петар Делјан, востаничката војска, која се насобрала кај Белград, тргнала кон Ниш и Скопје, насекаде својски пречекувана и зголемувана. Со помошта на месното население, востаниците бргу го освоиле Скопје. Дури тогаш Византијците ја сфатиле сериозноста на ситуацијата и императорот упатил војска против востаниците. Таа откажала послушност, дигнала востание и за цар го прогласила еден од војниците, по име Тихомир. Така се создале два востанички центри, кои се заканувале да го расцепат востанието. Но, набргу Тихомир бил убиен, па целата власт минала во рацете на Делјан.

DeljanTihomirAndRebels

Петар Делјан, Тихомир и востаниците

Потоа Делјан ги проширил воените акции. Дел од својата војска упатил го Драч. Поддржувана од населението, таа ја презела Драчката тема. Ставајќи се на чело на поголемиот дел од војската, царот Петар се упатил кон Солун. Изненадениот византиски император Михаил IV, кој тогаш се наоѓал на лекување во Солун, избегал во Константинопол, оставајќи го тука Мануил Ивец. Меѓутоа, овој им се придружил на востаниците. Ползувајќи ја настанатата паника во редовите на византиската војска, Делјан упатил своја војска на повеќе страни. Едната од нив, предводена од Антим, се спуштила длабоко на југ, допирајќи дури до градот Тива. Востанието се проширило и во Епир, каде што целата Новпактиска тема, со исклучок на Новпакт, преминала под власта на Делјан. Охрабрен од успесите, тој се подготвувал да го нападне Солун. Во истото време ја зазел Деметријада (денешен Воло во Тесалија), а според известувањата на Кекавмен, и Сердика (Софија). Така, со проширувањето на востанието во средна Грција, Албанија, Србија, Бугарија, под власта на царот Петар се нашла една доста голема територија.

Uprising_of_Peter_Delyan_(1040-1041)

Територија зафатена од востанието

Исправен пред нараснатото незадоволство во високите византиски кругови поради успесите на востанието, императорот решил да тргне во поход кон Македонија. Во меѓувреме веќе дошло до настани што на императорот му ја олсениле работата околу ликвидирањето на востанието.

Причината бил Алусијан, вториот син на Јован Владислав, кој бил патрициј и стратег на градот Теодосипол во Ерменија. Тој оттаму избегал и кон крајот на 1040, или во почетокот на следната 1041 година, им се приклучил на востаниците во Македонија. Петар Делјан го примил Алусијан, и ставајќи му под команда 40 000 војници, го упатил на Солун. Византиските војски ненадејно излегле од градот и го разбиле Алусијан, кој изгубил околу 15 000 војници. Овој пораз довел до разор во востаничките редови. Алусијан успеал да го ослепи Делјан, а потоа пребегал кај византискиот император. Обезглавено, востанието било осудено на пропаст.

Откако во пролетта или летото 1041 година дошол во Солун, императорот се упатил кон востаничкиот центар во Острово. Таму бил фатен слепиот Делјан и испратен во Солун (според некои извори бил убиен во битката од страна на Харалд Хардрада, водачот на Варангијската гарда – нордиски наменици во византиската војска). Императорот тргнал кон внатрешноста на Македонија. Во Прилепско сретнал отпот од војските на Мануил Ивец. Но и овој набргу бил заробен. Откако наполно го задушил востанието, императорот триумфално се вратил во Константинопол, водејќи ги со себе Делјан и Ивец, кои потоа биле погубени.

Последиците од востанието биле тешки. Византијските војски ја опостошиле Македонија. Македонското население во голем број било претворено во робови. Дошле нови државни чиновници и феудалци кои, заедно со војската, легнале врз грбот на македонскиот селанец.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>