«

»

Jul 28 2013

Запознајте ја нордиската митологија

Верувам дека повеќето од Вас сте запознати со древната медитеранска митологија (вклучувајќи ја и нејзината римска варијанта), запознаени сте со Зевс, Аполон, Афродите, Марс, Прометеј… тоа е митологија која сите сме ја учеле во училиште и со која се среќаваме секој ден. Но мал број од луѓето се запознаени со нордиската митологија (позната и под имињата Скандинавска и Германска), митологија која го инспирирала англискиот писател Толкин да го напише едно од најзначајните литературни дела на 20 век  – “Господарот на Прстените” (книга според која е снимено и познатото и истоимено филмско ремек-дело), митологија која го инспирирала генијалниот германски композитор Вагнер, митологијата на славните Викинзи, на народите од северот на Европа, на луѓето чиј мајчин јазик припаѓа на германската група на јазици: Германците, Норвежаните, Швеѓаните, Данците, Англичаните и др. митологија која, како и медитеранската, е исполнета со најразлични богови и божици, херои и чудовишта, епски патувања и битки, митологија која истотака плени со својата приказна и заслужува да биде изучувана и испопуларизирана меѓу Македонската јавност… токму тоа е и целта на овој пост – да Ве запознае со основата и да Ве доближи до една од најинтересните митологии кои се развиле во текот на човечката историја – Нордиската.

НОРДИСКА КОСМОГОНИЈА

Првата работа со која треба да се запознаете при изучувањето на која било митологија е да се запознаете со светот во кој се одвиваат сите тие фантастични збиднувања, истото важи и за нордиската митологија која се одвива во свет составен од девет различни под-светови кои се наоѓаат на космолошкото дрво – гигантски јасен кој се вика Игдрасил.

Деветте под-светови се:

Асгард – дом на боговите од видот Аесир. Асгард е местото каде што се наоѓа нордискиот рај Валхала.

Ванахајм – дом на боговите од видот Ванир.

Алфхајм –  светот на Вилењаците (познати и под името Елфи).

Мидгард – “Средната земја”, земјата на луѓето.

Свартафалхајм (Нидавелир) – земјата на Црните Елфи и Џуџињата.

Јотунхајм – земјата на џиновите.

Хелхајм – подземниот свет. Од името на овој под-свет произлегува и модерното име за пеколот во германските јазици.

Нифлхајм – светот на мразот и маглата.

Муспелхајм – светот на огнот.

Космолошкото дрво – Игдрасил

БОГОВИ И БОЖИЦИ

Во оваа митологија постојат два вида на богови: Аесир и Ванир. Според нордиските верувања овие два вида на богови учествувале во една меѓусебна војна која завршила со победа на Аесир боговите, по што оние од типот Ванир станале нивна под-група.

Најпознати богови од типот Аесир се:

Один (познат и под името Вотан) – врховниот нордиски бог, татко на сите богови. Бог на мудроста, војната, ловот и магијата. Според него е наречен денот Wednesday (Среда) во германските јазици. Според верувањата, Один жртвувал едно свое око за да се здобие со бескрајна мудрост, а се обесил и на светското дрво Игдрасил, каде останал 9 дена и 9 ноќи, за да се здобие со моќта на пишувањето. Луѓето верувале дека Один често ја посетувал “Средната земја” преобразен како старец-талкач за да го надгледува и собира информации за светот на луѓето, а во тоа му помагале и два гаврани по име Хугин (мисла) и Мунин (ум/меморија). Поради ова, гавранот се смета како симбол на Один, па затоа тоа е и животно кое најчесто се среќавало на викиншките знамиња.

Тор (познат и под името Донар) – бог на молњата. Еден од најпочитуваните богови во оваа митологија. Неговото оружје е магичниот воен чекан Мјолнир. Поради ова талисмани во форма на Мјолнир биле доста распространети меѓу нордиските народи. Според него е наречен денот Thursday (Четврток) во германските јазици.

Тир – бог на правдата и војната. Според него е наречен денот Tuesday (Вторник) во германските јазици.

Фрига – божица на небото, заштитничка на бракот и мајчинството. Жена на Один. Според неа е наречен денот Friday (Петок) во германските јазици.

Локи – бог на огнот, хаосот и измамата.

Балдур – бог на светлината, син на Один и Фрига. Бог кој можел да биде повреден само од растението имела. Богот на измамата, Локи, го изиграл слепиот брат на Балдур, богот Ходор, да го прободи Балдур со копје од имела, по што Балдур морал да се пресели во подземјето. По оваа случка божицата Фрига ја молела божицата на подземјето Хел, да го врати нејзиниот син. Хел одговорила дека ќе го стори тоа тогаш кога секое живо суштество на планетата ќе тагува по него. Така секое живо суштество почнало да плачи и тагува по Балдур, освен една старица по име Ток, која вистински била Локи преправен во старица, па поради тоа Балдур останал во подземјето. Според нордиското верување, Балдур ќе се врати од подземјето после апокалипсата – настан познат како Рагнарок, и ќе помогне во повторното градење на светот.

Видар – бог на одмаздата.

Најпознати богови од типот Ванир се:

Фреја – божица на убавината, љубовта и плодноста.

Фреј – бог на мирот, плодноста и времето. Брат на Фреја.

Нјорд – бог на морето и ветровите.

Врховниот нордиски бог Один

МИТОЛОШКИ СУШТЕСТВА

Како и секоја митологија, така и нордиската има голем број на различни митолошки суштества од кои најпознати и најзастапени се:

Двергар (Дварфи, Џуџиња) – ниски хуманоидни суштества што живеат под земјата. Поврзани се со рударството, обработката на метали, занаетчиството и мудроста.

Елфи (Вилењаци) – Елфите се човеколики суштества кои се делат на два вида: Светли и Темни. Светлите Елфи се одликуваат со голема убавина и се бесмртни, додека пак темните Елфи претставуваат синоним за Дварфите (Џуџињата).

Тролови – застрашувачки и грди човеколики суштества. Имаат поголема и посилна градба од човечката и најчесто живеат во пештери.

Јотуни (Џинови) – митолошки суштества кој биле со голема физичка градба и се одликувале со огромна сила. Живееле во под-светот Јотунхајм. Локи, богот на измамата, претставувал Јотун пред да се стекне со божествен статус.

Валкири – воинствени полу-божици кои биле придружнички на богот Один. Валкирите ја одлучувале судбината на борците во текот на една битка. Тие ги носеле паднатите борци во нордискиот рај – Валхала.

Валкири

ВАЛХАЛА – НОРДИСКИОТ РАЈ

Валхала претставува нордискиот рај и дворецот на врховниот бог Один и се наоѓа во под-светот Асгард. Во Валхала заминувале половина од оние кои умирале во текот на една битка, додека другата половина оделе во дворот, односнo полето на божицата Фреја наречено Фолквангар. Во Валхала, паднатите борци, заедно со богот Один учествуваат во една бескрајна гозба се до Судниот Ден – Рагнарок, кога рамо до рамо ќе се борат на страна на боговите.

Валхала

РАГНАРОК – СУДНИОТ ДЕН

Рагнарок претставува судниот ден во нордиската митологија, последната битка помеѓу боговите и злите сили, битка во која ќе биде уништен сегашниот свет и ќе се изроди нов.

Рагнарок ќе биде навестуван од повеќе екстремно студени зими по ред, безброј битки низ целиот свет и убиства меѓу родени браќа. Пред Рагнарок ќе се ослободи страшниот волк Фенрир, син на Локи и татко на волкот Скол кој ќе го брка сонцето и неговиот брат, волкот Хати, кој ќе ја брка месечината. И двата волци ќе успеат во својата намера по што ќе настане мрак. Истотака страшното морско чудовиште, наречено Мидгардската змија (истотака син на Локи) ќе почне да напаѓа на копно.

Во текот на Рагнарок богот Тор ќе се бори против Мидгардската Змија и во текот на битката тие ќе умрат истовремено. Богот Один ќе се бори против страшниот волк Фенрир и ќе биде убиен од негова страна. Одиновиот син, богот на одмаздата Видар ќе го одмазди својот татко и ќе го убие Фенрир. Во текот на Рагнарок ќе умрат и голем број на други богови меѓу кои и Тир, Фреј и други. По битката меѓу Один и Фенрир и одмаздата на Видар, јотунот (џинот) Сурт ќе ја запали целата земја и ќе предизика да потоне под морето.

После Рагнарок земјата повторно ќе се издгине над морето. Единствените луѓе кои ќе го преживеат овој настан се еден маж по име Лејф (што во наш превод значи наследник) и една жена по име Лејфтхрасир кои ќе направат репопулација на светот. Боговите кои ќе го преживеат Рагнарок, вклучувајќи го и Балдур, ќе поможат во изградбата на новиот свет.

Фенрир и Один

ПЕСНИ ЗА НИБЕЛУНЗИТЕ – НОРДИСКАТА ИЛИЈАДА

Митологијата секогаш претставувала инспирација за врвни летературни дела, така, древната медитеранска митологија претставува доста важен дел од најпознатите епови од антиката – Хомеровите Илијада и Одисеја. Нордискиот пандан на овие дела би била Песната за Нибелунзите.

Песната за Нибелунзите претставува епска поема во која се зборува за германскиот јунак Зигфрид, неговата смрт и одмаздата на неговата жена Кримхилда. Песната е составена од два дела.

Во првиот дел се раскажува за доаѓањето на германскиот јунак Зигфирд на дворот на кралот на Бургундите – Гундахар. Зигфрид претставува пандан на Ахил. Исто како и јунакот од Тројанската Војна, и Зигфрид неможел да биде повреден освен во една слаба точка. Имено, пред доаѓањето кај Бургундите, Зигфирд убил змеј и се искапил во неговата крв, со што станал наповредлив освен на едно место кадешто му се закачил лист додека се капел. Зигфрид истотака пред да стигне во кралскиот двор, го имал освоено богатството на Нибелунзите – митолошка кралска фамилија од Бургундите, богатство кое се состоело од митолошкиот меч Балмунг и Наметката на Темнината, наметка која на носителот му овозможувала да стане невидлив. Кога Зигфрид пристигнал во кралскиот двор се родила љубов меѓу него и сестрата на кралот, убавата Кримхилда. Кралот Гундахар му ветил дека ќе ја добие неговата сестра доколку овој му ја донесе неговата сакана -кралицата на Исланд, валкира по име Брунхилда. Зигфирд со помош на богатството на Нибелунзите успеал да ја победи во битка Брунхилда по што ја однел кај Гундахар. По ова била направена голема двојна свадба на бургундискиот кралски двор. По одредено време Зигфрид му помогнал на Гундахар да ја изневери својата сопруга, по што настанало силно соперништво меѓу Брунхилда и Кримхилда. Соперништвото ќе биде прекинато кога Гундахаровиот вазал Хаген ќе го убие Зигфрид, прободувајќи го со копје во единственото место каде што тој бил ранлив, додека Зигфрид пиел вода од една фонтана. После ова Кримхилда ќе дознае за убиството на нејзиниот сакан Зигфрид и стрпливо ќе ја чека својата одмазда.

Во вториот дел од поемата дознаваме дека по смрта на Зигфирд, Кримхилда се мажи за кралот на Хуните – Етцел. По ова Кремхилда ја поканува целата бургундиска аристократија, вклучувајќи ги и нејзиниот брат Гундахар и Брунхилда да дојдат на хунскиот кралски двор. Кога овие ќе пристигнат на хунскиот двор во Унгарија, доаѓа до голема борба во која умираат сите Бургундијци, со што Кримхилда ја постигнала својата одмазда, но во текот на битката ќе страда и самата Кримхилда.

Оваа поема беше главната инспирација за германскиот композитор Рихард Вагнер да ја напише операта “Прстенот на Нибелунзите”.

Зигфрид и Кримхилда

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>