«

»

Nov 05 2015

Заврши истражувањето на театарот во Скупи, почна реконструкцијата и конзервацијата

Целосно е завршено археолошкото истражување на гледалиштето и на сценската зграда на театарот во Скупи, што беше реализирано во последните три години, период во кој се пронајдени околу 8500 вредни артефакти. Како следна фаза, почна реконструкцијата и конзервацијата на сценската зграда на овој најголем антички театар, кој има капацитет од околу 9000 места.

Со динамиката на реализација на планот за реконструкција на театарот денеска се запозна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која го посети археолошкиот локалитет Скупи заедно со градоначалниците на град Скопје и на општина Карпош, Коце Трајановски и Стевчо Јакимовски, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ и со останатите директори и стручни лица надлежни за локалитетот.

zavrseni istrazuvanjata na teatarot vo skupi 1

Канческа-Милевска посочи дека динамичниот план се следи многу прецизно од страна на надлежните институции и сите стручни лица, а денеска имале можност да видат и дел предметите пронајдени во фазата на истражување и археологија на гледалиштето.

– Во изминатите три години, додека се истражуваше, пронајдени се околу 8500 вредни артефакти од најразлични периоди вклучувајќи го римскиот, античкиот, средновековниот период итн. Можевме да видиме голем број монети, керамички предмети, камена пластика. Сиве овие предмети, вредни артефакти, планираме да бидат изложени на изложба која ќе се одржи на крајот од годинава или во почетокот на следната година – рече Канческа-Милевска.

Во врска со почнувањето на реконструкцијата и конзервацијата на сценската зграда на театарот Скупи, министерката нагласи дека фирмата која била избрана од страна на Управата за заштита на културното наследство веќе ги започнала градежните работи. Таа појасни дека рокот за завршување на сценската зграда, каде што ќе има конзервација и дел реконструкција, е шест месеци, така што тие активно почнуваат да работат и изрази надеж дека ќе го запазат рокот.

zavrseni istrazuvanjata na teatarot vo skupi 2

– Во однос на проектот за гледалиштето, идејниот проект е направен, а во завршна фаза е основниот проект кој надлежната институција Национален конзерваторски центар треба да го предаде на Управата до крајот на ноември. Според динамиката, Управата за заштита на културното наследство во декември треба да го распише тендерот за избор на фирма која ќе го реконструира гледалиштето на театарот Скупи – истакна Канческа-Милевска.

Таа изрази надеж дека во март идната година ќе може да почне реконструкцијата на гледалиштето на театарот и до крајот на 2017 година да се стави во функција овој многу значаен локалитет.

Исто така, министерката потенцираше дека театарот во Скупи со капацитет до 9000 седишта ќе биде од голема важност и за реализација на голем број културни манифестации, а со својата историска и археолошка вредност ќе има можност да привлече голем број туристи.

– Во првиот бран од едицијата на 130 вредни монографии во делот на нашето културно наследство излезе и монографијата за Скупи – додаде Канческа-Милевска и изрази благодарност до сите стручни лица, раководители, археолози, работници за нивната огромна посветеност и што успеаја за краток временски период да ја завршат археологијата на овој локалитет и да се запази целокупната динамика.

Градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски изрази благодарност до Владата, до премиерот Никола Груевски и до министерката Канческа-Милевска за реконструкцијата и заштитата на овој археолошки локалитет, кој ќе биде еден од најголемите и најраскошни археолошки локалитети во Република Македонија.

zavrseni istrazuvanjata na teatarot vo skupi 3

– Се надевам дека со изградбата на овој археолошки локалитет, градот Скопје ќе добие уште повеќе на значење во смисла на повеќе туристи кои ќе доаѓаат во Скопје и одржувањето на културните манифестации. Со оглед на тоа што овој археолошки локалитет ќе биде и под Музејот на град Скопје, ние како град Скопје и општина Карпош паралелно со реконструкцијата и конзерваторската заштита на овој локалитет, работиме на она што ќе биде наша надлежност – истакна Трајановски.

Имено, посочи тој, градот Скопје го донесе регулацискиот план за овој дел, склучена е меѓуопштинска соработка со Карпош за изработка на конзерваторските основи кои деновиве ќе почнат да се прават, а понатаму таа општина ќе треба да донесе детален урбанистички план.

Град Скопје заедно со општина Карпош ќе ги уреди дополнително инфраструктурните објекти: пат, паркиралиште…

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ истакна дека античкиот театар во Скупи е најголемиот театар во Република Македонија и по финалната реконструкција ќе биде единствен објект не само во земјава туку и пошироко.

– На овој простор при ископувањата се откриени остатоци од најстарото живеалиште тука, гробови од архајскиот период, најстарите жители на скопскиот регион што биле пајонските агријани, потоа имаме изградба на театар во вториот век од новата ера – времето на римскиот цар Адријан и тој егзистира до доцната антика – четврти, петти век веќе се урива со истекот на времето. Наодите што се откриени досега ценам дека се вистински културен трезор – рече Лилчиќ.

Тој додаде дека станува збор за повеќе илјади наоди кои ќе ги претстават на годишната изложба за 2015 година во декември.

Извор: Министерство за култура на Република Македонија

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>