«

»

Mar 06 2015

Завршува истражувањето на најголемиот антички театар во Македонија

Археолозите привршуваат со истражувањата на античкиот театар во Скупи, една од капиталните инвестиции во чии рамки се извојуваат повеќе пари од вообичаено за истражување на одреден археолошки локалитет. До средината на идниот месец се планира сосема да биде истражен театарот, кој според својата големина бил најголемата античка градба, од првите векови од новата ера на денешна Македонија. Според раководителот на ископувањата, Антонио Јакимовски од катедрата за историја на уметност и археологија при Универзитетот „Св. Kирил и Методиј“, во моментот ја работат последната, третата фаза од истражувањата, која подразбира целосно истражување на театарот.

Skupi Teatar 1211

– Според предвидената динамика, целосно ќе го истражиме театарот до средината на април. Досега целосно е откриен театарот, фазите на негова изградба, како функционирал театарот и кога завршила неговата функцијата. Откриени се голем број културни слоеви, градби и археолошки предмети. Регистрирани се неколку фази на живеење на овој простор. Најраните траги се од железното време, 8-7 век пред новата ера. Од овој период пронајдовме два гроба, кои биле делумно уништени со подоцнежната изградба на театарот. Следуваат слоевите од доцноантичкиот период. Тоа е времето откако завршило функционирањето на театарот, кон крајот на 4 век. Тогаш на овој простор е изградена населба, која во неколку фази трае до 6 век. Потоа следува хијатус, по кој во средниот век имаме населбинско живеење и некропола со околу 70 гроба – објаснува Јакимовски.

Најголем антички театар

На територијата на денешна Македонија досега се пронајдени четири антички театри – во Скупи, Стоби кај Градско, Хераклеја Линкестис кај Битола и во Варош, Охрид. Најголем и досега најмалку истражен беше тој во Скупи. Според археолозите, објектот зафаќал површина од 22.500 квадратни метри собирал меѓу 8 и 10 илјади гледачи. Во римско време Скупи бил главен град на ова подрачје и имал статус на колонија. Театарот бил изграден околу 125 година во чест на римскиот император Хадријан, кој во тоа време поминувал низ овие простори.

Јакимовски вели дека од почетокот на истражувањата во 2013 досега пронашле и инвентарирале околу 5.000 артефакти од камен, стакло, метал, керамика и коска и околу 2.000 монети. Откако ќе завршат ископувањата, најрепрезентативните предмети ќе бидат изложени пред пошироката јавност.

– Највредниот момент во овие истражувања е самиот театар со својата импозантна архитектура. Kако најексклузивни и научно највредни наоди би ги издвоил предметите од железното време. Освен за раното живеење на овој простор, тие зборуваат за етничката припадност на овие покојници – вели Јакимовски.

Antonio Jakimovski

Д-р Антонио Јакимовски – раководител на истражувањата во Скупи

Театарот во Скупи парцијално е истражуван во повеќе наврати, но со овој проект наречен „Антички театар Скупи 2013-2017 година“ планирано е да се спроведе целосно истражување, реставрација, конзервација и презентација и да биде пуштен во употреба.

Потврда за културното богатство

Според Јакимовски, во изминатите две години целосно археолошки е истражен објектот, направен е проектот за конзервација на театарската зграда и наскоро треба да почне нејзината конзервација. Во моментот се прави документацијата за гледалиштето, по што ќе биде изработен проектот за реконструкција и конзервација на овој дел од објектот. Според планот, конзервацијата на театарската зграда и реставрацијата и конзервацијата на гледалиштето треба да биде готова до крајот на идната година.

– Тогаш театарот треба да биде пуштен во јавна употреба. Освен што ќе биде потврда за нашето огромно културно наследство, овој грандиозен објект ќе го привлече вниманието на многу туристи и љубители на археологијата. Секако ќе понуди богата културна програма и разни манифестации кои би можеле да се организираат во театарот во Скупи – вели Јакимовски.

Од Министерството за култура велат дека со целосното истражување, заштита, конзервација, реставрација, реконструкција и презентација на античкиот театар во Скупи, овој археолошки локалитет ќе добие значајна содржина кој ќе го зголеми бројот на туристите.

– Паралелно со истражувањата се спроведуваат и конзерваторско-реставраторски работи. Проектот за конзервацијата на сценската зграда е изработен и се наоѓа на стручна комисиска проверка. Откако проектот ќе биде одобрен, Музејот на град Скопје ќе објави јавна набавка за негова реализација. Во меѓувреме во завршна фаза е изработката на комплетната техничка документација за гледалиштето. По изработката на идејниот и на основниот проект, ќе почне негова конзервација – велат од Министерството.

Реконструкција според оригиналните блокови

Меѓу поважните откритија од театарот во Скупи лани беа и оригиналните камени блокови – седишта од гледалиштето. Беа пронајдени само две седишта, но и тие се доволни за да може да се направи реконструкција на останатите. Долги години домашните археолози сметаа дека седиштата и другиот градежен материјал од театарот биле однесени и вградени во скопското Kале. Во меѓувреме, треба да се направи анализа на каменот и да се одреди неговото потекло.

Автор: Весна И. Илиевска

Текстот е превземен од Дневник.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>