«

»

Dec 07 2014

Живописот на Пештерната црква во Зрзе датира од 16-17 век

Расветлени се одредени периоди од ликовно културно минато на зрзевскиот манастир, кој е еден од најзначајните средновековни културни центри во Македонија. Според сумираните резултати, живописот во Пештерната црква датира од поствизантискиот период, односно од 16-17 век.

zivotopis pesterna crkva zrze 1

– Датирањето на живописот дојде како резултат на сумираните анализи од стилско-ликовната и хемиско-физичка анализа на пигментите користени во сликарството на Пештерната црква. Во истиот хронолошки распон од 16-17 век се сместува и создавањето на фресконатписот – протезисот на Пештерната црква, со што досегашната датација во втората половина на 14 век се поместува за неколку столетија – вели Александар Василески, помлад асистент-истражувач од Институтот за старословенска култура.

Пронајдените остатоци од сликарството на параклисот биле дел од фасадната декорација на објектот и се од првата четвртина на 15 век.

– Анализата на фрагментите и нивното поврзување во поголеми целини овозможија реконструкција на основната содржина на претставата на светителот што бил патрон на параклисот, а наедно и делумно расчистување на фресконатписот во кој е спомнат ктиторот – додава Василески.

Активностите за сумирање на анализите завршиле деновиве, а беа дел од проектот „Обид за реконструкција на дел од сликаната програма на Пештерната црква и параклисот во монашката населба на локалитетот Св. Преображение, с. Зрзе“ од Институтот за старословенска култура, со поддршка на Министерството за култура.

Фрагментите од фрескоживописот што беа предмет на анализа на овој проект беа пронајдени при археолошките истражувања на монашката населба, кои под раководство на Бранислав Ристески беа реализирани во 2008 и 2009 година.

Инаку, зрзевскиот манастир, како еден од најзначајните средновековни културни центри, не само во прилепскиот регион туку и во Македонија, ја дал ликовната работилница на зографот митрополит Јован, кој е автор на повеќе ремек-дела на средновековната уметност во Македонија и на неговиот брат Макариј, чие творештво ги најавува новите стилски ликовни карактеристики на поствизантиската уметност.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>