«

»

Oct 09 2013

Змејот во македонскиот фолклор

Додека ја читате статијата, пуштете ја оваа песна. 🙂

Проучувајќи ги различните елементи на македонскиот фолклор можеме да се запознаеме со голем број на различни натприродни, митолошки суштества како вампири, самовили, џинови… но ретко кои од нив, по својата важност и митолошка сила можат да се споредат со змејот.

Врз база на бројните преданија, приказни и легенди, можеме да издвоиме три типа на змејови:

– змеј како зооморфен митолошки лик – најраспространетиот тип на змеј чиј изглед можеме да го означиме како “типичен змејски”. Имено, тој има змијовидно тело, покриено со лушпи или крлушки и има крилја со кои може да лета. Понекогаш се среќава во други варијанти како птица со змиски опаш, змија со рибја глава итн. Овие змејови настанувале од смок или риба-крап што наполнил 40 (во некои случаи 100) години и кој никогаш не бил виден или ловен од некого.

– змеј како антропоморфен лик – овој змеј има главно човечки изглед кај кого најчесто се јавуваат поголеми очи и златни крилја под пазувите, а во некои случаи и змиски опаш.

– “Змејовит човек” – човек без никакви не-човечки надворешни особини, но со голема физичка сила и способност да ја извршува функцијата на змејот.

Сепак, оваа поделба не е остра бидејќи во многу случаи змејовите поседуваат способност за метаморфоза и менување на надворешниот изглед.

Основна функција на змејот била да се бори против ламјите и алите и да ги заштитува земјоделските површини и нивниот род од негативните атмосферски појави чии причинители биле тие. Во голем дел од случаите борбата не била физичка туку се остварувала во една духовна димензија, откако двете суштества ќе западнеле во еден длабок сон или транс при што излегувал нивниот дух и ја водел борбата. Според верувањата резултат на овие борби биле грмотевиците и молњите, затоа следниот пат кога ќе слушнете грмотевици да знаете дека змејот се бори против ламјата за зачувување на нашиот бериќет и да му посакате среќа и успех.

Како живеалишта на змејовите се споменуваат големите пештери и високите, непристапни планини и гори.

Најчести мотиви во народната усна традиција поврзани со змејот се:

– борба помеѓу змеј и ламја – во кој до израз доаѓа основната функција на змејот.

Пример:

– борба помеѓу два змеја – во некои преданија се среќаваат и вакви случаи во кои два змеја се борат за превласт врз одредена територија или кога еден змеј се обидува да протера ламја во територијата на друг змеј, по што доаѓа до нивен меѓусебен судир.

Пример: “Јанина Плоча”

– грабнување на девојка од страна на змеј – во овие преданија се зборува за грабнување на најубавата девојка од селото од страна на змеј кој ја носи во својата пештера каде таа му станува жена и имаат потомство. По одредено време девојката е пронајдена од страна на некои селани и со помош на нејзината мајка успеваат да го убијат змејот (со претходно дознавање на неговата слаба точка) по што следува клетва на змејот што резултира со скаменување на девојката, детето, самиот змеј и во одредени случаи мајката на девојката.

Пример:

– надмудрување помеѓу змеј и човек – во некои преданија се среќаваат и случаи во кои доаѓа до надмудрување помеѓу змеј и човек што најчесто завршува со победа на човекот.

Пример:

Покрај големата застапеност во усното творештво, змејот играл голема улога и во материјалното творештво на нашиот народ, па така змејот може да се сретне на стари македонски знамиња, на иконостаси, црковни врати и тронови итн…

Мијачко знаме. Во горниот лев агол е претставен змеј.

Дел од иконостасот во црквата “Св. Ѓорѓи” во Ресен

Дел од иконостасот во црквата “Св. Ѓорѓи” во Лазарополе

Дел од иконостасот во црквата “Св. Георги Победоносец” во село Блаце, Скопско

Детал од црковните врати во манастирот Трескавец, Прилепско

Детал од црковните врати во манастирот “Св. Јован Претеча” во село Слепче, Демирхисарско

Детал од црковниот трон во Бигорскиот манастир

Детал од црковниот трон во црквата “Св. Ѓорѓи” во Лазарополе

Zmej robevci 1

Во куќата на Робевци во Охрид

Чешми во Бигорскиот манастир

 

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>